Алфа ТВ: Револт кај специјалистите Каде се ветените плати од 100 000 денари

 

Ништо од ветувањето за 100.000 денари плата за специјалистите. Предизборното ветувањена СДСМ од 2016 година е далеку од реализација, иако се ветуваше како сигурно до крајот на мандатот на владата. Амбициозните најави се реализираа, но само делумно. Платите се зголемија, но тоа е далеку од она што се ветуваше, реагираат лекарите.

Во однос на програмата, можам да кажам дека таа не е остварена. Доктор специјалист на Клинички центар, како доктор специјалист во терциерно здравство ја нема остварено таа плата од 100 000 денари, моменталната нето плата е 55 370 денари – вели во изјава за Алфа др. Горан Беговиќ, претседателот на Синдикатот на Клинички центар.

Она што дополнително ја револтира лекарската фела е што и во вакви услови власта се фали дека платите на лекарите достигнале 111.000 денари. Но, вистината е дека станува збор за сума која е во бруто, а не во нето износ што е далеку од предизборното ветување. Од Синдикатот на Клинички центар сметаат дека ветувањето не е исполнето, а сумите на бруто и нето платите се нејасни и конфузни.

Доктор специјалист има нето плата од 55 370 денари, или ако сакате во бруто износ е 84 177 денари, а не е 111 370 денари како што вели министерот. 

Просечна плата колективниот договор не подразбира. Колективниот договор подразбира основна плата и додатоци на плата за дежурства – додава Беговиќ..

Од синдикатот велат дека ќе реагираат соодветно и ќе се борат за исполнување на ветеното како и за другите права на лекарите и здравствените работници.

Извор: Алфа ТВ  Адријана Алексиеска⁄Ненад Мирчевски 27. Мај 2020 17:10