Г-дине Премиер, г-дине Министер за здравство, да Ве потсетиме дека ветивте основна плата на доктор специјалист во терциерно здравство од минимум 100.000,00 денари и двојно зголемување на основната плата на здравствените работници.
Согласно важечкиот Колективен договор, сегашната основна нето плата на доктор специјалист во Клинички центар е 44.517,00 денари и е далеку од ветената.
Во случај на покачување на платата на здравствените работници согласно програмата со право ќе го побарате и ќе можете да сметате на гласот на здравствените работници на претстојните парламентарни избори. Синдикатот на Клинички центар јавно ќе побара од своето членство да ја поддржи Вашата политичка опција.
Во спротивно, ќе ја загубите довербата не само кај здравствените работници, туку и кај поголемиот дел од граѓаните, бидејќи на трибините и јавните настапи, постојано истакнувавте дека здравството и спречувањето на одливот на здравствениот персонал е еден од врвните приоритети на Владата.
Сеуште веруваме во ветеното дека докторите специјалисти во терциерното здравство ќе имаат основна плата од 100000,00 денари, а на медицинските сестри и останатиот здравствен персонал двојно ќе им се зголеми платата, што несомнено е главниот услов да се задржи здравствениот персонал во нашата држава.
Поради закажувањето на предвремените парламентарни избори и краткиот временски рок, за да го реализирате ветеното, веднаш пристапете кон обезбедување средства за оваа намена, согласно реални пресметки на основната плата без вкалкулирани додатоци на плата (дежурство, двојна работа и сл.).
Доколку, во најкус временски период не превземете конкретни активности во таа насока, Синдикатот на Клинички центар на почетокот на наредниот месец ќе го консултира своето членство за примена на радикални чекори за остварување на оваа програмска определба, која Синдикатот на Клинички центар уште на почетокот во целост ја поддржа.
Скопје, 24.10.2019 година
Извршен одбор на Синдикатот на Клинички центар