Министерството за здравство има воспоставено успешна соработка со Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, која континуирано ја развиваме низ заеднички дијалог, размена на мислења и сугестии, со цел заеднички да придонесеме кон целокупно унапредување на здравствениот систем.
Вложувањето во унапредување и стимулирање на кадарот во јавните здравствени установи е еден од заедничките императиви на Министерството и Синдикатот, имајќи предвид дека истото придонесува кон подигнување на квалитетот на здравствените услуги во установите.
Во таа насока, денеска сакам да информирам за една новина, а тоа е дека со Анекс на Колективниот договор ќе овозможиме сите здравствени работници со завршено високо образование (медицински сестри, рентген техничари, физиотерапевти, лаборанти, итн) да добијат додаток на платата, како вреднување на стекнатото образование и стимулирање на овие здравствени работници во насока на целокупно унапредување на работниот процес.
Ова беше еден горлив проблем на оваа категорија здравствени работници, имајќи предвид дека тие вложиле труд, енергија, и финансиски средства за својата образовна надградба, и следствено на тоа очекуваат соодветно вреднување на вложениот труд. Токму затоа, со Програмата на Владата на РМ ветивме решавање на овој проблем во 2016 година (јули 2016), така што изминатиот период посветено работевме на овој проект и го реализираме во предвидениот (па дури и пред предвидениот) рок.
Изготвивме анализа на состојбите во сите јавни здравствени установи каде одреден дел од здравствените работници со средно стручно образование, во меѓувреме имаат завршено високо стручно образование (во времетраење од 3 години, односно со стекнати 180 ЕКТС).
Согласно извршените анализи, станува збор за над 500 здравствени работници, од повеќе јавни здравствени установи, кои ќе бидат опфатени и отсега ќе добиваат додаток на платата во износ од околу 6000 денари вкупно, односно во три наврати зголемување на платата за околу 2000 денари (во 2016 година, со февруарската, јунската и декемвриската плата).
Како што споменав, ова е значаен чекор во насока на вреднување на стекнатото образование и финансиско надоместување на здравствените работници.
Инаку, Министерството за здравство континуирано вложува во унапредување на работата, не само на докторите, туку и на останатиот медицински персонал, и во рамки на проектот за Едукација на медицинскиот кадар во странство, досега вкупно 753 лица од останат медицински персонал се едуцирани во реномирани медицински центри во Словенија, Турција, Бугарија, итн, од кои: медицински сестри – 582, физиотерапевти – 41, радиолошки технолози – 67, лаборанти – 39, итн.
Дополнително, во насока на унапредување на статусот на медицинските сестри и акушерки, веќе е усвоен на седница на Владата на Република Македонија, законот за медицински сестри и акушерки, со кој се регулираат бројни прашања за кои долго време постоеше потреба да се решат, а се одесуваат на професиите медицинска сестра и акушерки. Ова е многу значајно имајќи ја во предвид важноста на нивната улога во здравствениот систем. Со Законот прецизно се дефинира конечниот модел на образование и можностите за континуирана стручна едукација, содржината, начинот и условите за вршење на сестринската и акушерската нега, должностите на сестрите и акушерките, како и прекршочните одредби за неправилно извршување на нивната дејност.
Како што споменав, овие измени на колективен договор се уште еден чекор напред во насока на подобро функционирање на здравствениот систем и подигнување на нивото на задоволство и кај самите здравствени работници, и кај пациентите.
Скопје, 24.12.2015 година
Министер за здравство на Република Македонија
Никола Тодоров