Допис од ССКЦ до Управата за електронско здравство на Министерството за здравство за планираната употреба на биометриски податоци

Во прилог Ви се доставува Мислењето на Самостојниот синдикат на вработените во Универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.

До Самостојниот синдикат на вработените во Универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (во натамошниот текст: Самостојниот синдикат), доставени се повеќе барања на вработените во јавните здравствени установи (во натамошниот текст: ЈЗУ) за заштита на нивните права и интереси по повод планираното воведување на Централен систем за електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ (во натамошниот текст: Централен систем) што ќе ја спроведува Управата за електронското здравство на Министерството за здравство на Република Македонија.

Советот на Самостојниот синдикат на седницата одржана на ден 10.02.2017 година, разгледувајќи ги доставените барања и планираното воведување на

Централен систем со обработка на биометриски податоци на вработените во ЈЗУ, КОНСТАТИРА:

– Управата за електронско здравство на Министерството за здравство на Република Македонија (во натамошниот текст: Управата) своето барање за воведување на Централен систем го заснива на член 92-д од Законот за здравствената заштита според кој Централниот систем ги содржи личните податоци на вработените во ЈЗУ, биометриските податоци потребни за потврда на идентитетот на субјектот на лични податоци и податоци за просториите во објектите каде што се сместени ЈЗУ.

Советот на Самостојниот синдикат цени и констатира дека личните податоци и посебната категорија на личните податоци во кои спаѓаат и биометриски податоци се уставна категорија и нивната заштита е утврдена во член 18 од Уставот на Република Македонија, на начин: “Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информациите за нив преку обработка на податоците“.

Ваквата уставна заштита на личните податоци е дефинирана и во член 44 став 2 од ЗРО:

“Личните податоци на работниците може да ги собира, обработува, употребува и доставува на трети лица само работодавачот или работникот, кого работодавачот за тоа посебно го овластил“.

Со Централниот систем што го планира Управата во никој случај не може да се оствари уставната гарантираност, сигурноста и тајноста на вработените во ЈЗУ, како граѓани и како работници.

Затоа Советот на Самостојниот синдикат цени дека одредбата од член 92-д од Законот за здравствената заштита е во спротивност со член 18 од Уставот на Република Македонија поради што треба да се иницира постапка за уставноста на истата одредба.

– Уставната загарантираност на сигурноста и тајноста на личните податоци како и заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од информациите за нив преку обработка на податоците (како што е и Централната електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ) уредена е и нормирана во Законот за заштита на личните податоци, кој Закон има општ карактер и се однесува на сите граѓани. Поради тоа ниту еден друг закон во кој се уредува прашањето за личните податоци за утврдување на идентитетот не може да биде во колизија со наведениот општ Закон, па ни посебниот закон (lex specialis) како што е Законот за здравствената заштита, односно неговата одредба од член 92-д.

Со оглед на правната тежина на Законот за заштита на личните податоци (ЗЗЛП) во врска со покрената проблематика нужно е да се интерпретираат некои одредби од овој Закон, а се однесуваат на гарантирање на сигурноста, заштита на личните податоци и заштита на личниот интегритет при обработка на податоците добиени во информацискиот систем.

Во член 2 од ЗЗЛП се определени (дефинирани) одредени законски изрази и нивното значење, а се од суштинско значење за разбирање на феномените на личните податоци и нивната заштита. Законското значење на поимот:

“личен податок“ е секоја информација која се однесува на физичко лице чиј идентитет може да се идентификува, утврди директно или индиректно, посебно врз основа на единствен матичен број на граѓанинот или на основа едно или повеќе обележја специфични за неговиот: физички, ментален, економски, културен или социјален идентитет.

“посебната категорија на лични податоци“ се личните податоци кои го откриваат расното или етничкото потекло, политичкото, верско или друго уверување, членството во синдикалната организација и податоци што се однесуваат на здравствената состојба или сексуалниот живот.

“обработка на личните податоци“ подразбира секоја операција или збир на операции што се изведуваат врз лични податоци, а во начините на обработката не се вбројува и – електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ со биометриските податоци.

“согласност на субјектот на личните податоци“ има законско значење дека согласноста на субјектот на личните податоци е слободно и изрично дадена изјава на воља на субјектот на личните податоци со која изјава се согласува за обработка на неговите лични податоци за однапред определени цели.

Советот на Самостојниот синдикат констатира дека барањето на Управата за воведување Централен систем за електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ е предвремено, и спротивно на членовите

5 и 6 од ЗЗЛП.

Во член 5 од ЗЗЛП е утврдено дека личните податоци се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели.

Прибирање на посебните категории на лични податоци во никој случај не може да биде во согласност со поставената цел: евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ, што претставува обезвреднување на работниците, нивно омаловажување и навредување со откривање на нивните посебни и најсензибилни лични податоци.

Во член 6 од ЗЗЛП се нагласува дека обработката на личните податоци се остварува само по претходна согласност на субјектот на личните податоци, која согласност мора да биде во “писмена форма“. Оваа строга форма на претходно прибавена согласност во писмена форма не е случајно ставена во Законот, туку тоа е суштински елемент кој го прави како неосновано, незаконито и преурането барањето на Управата, која требала претходно да прибави таква согласност во писмена форма и тоа за електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ, во која согласност треба да биде опфатена обработката на личните податоци и посебната категорија на личните податоци.

Во член 8, став 1 од ЗЗЛП утврдена е забрана на обработка на посебните категории на личните податоци во кои се вбројуваат: генетските податоци, податоците врзани за расната и етничката припадност и други по исклучок.

– Заради вршење надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита, согласно член 37 од ЗЗЛП основана е Дирекција за заштита на личните податоци на територијата на Република Македонија како самостоен и независен државен орган, а нејзината раководна структура одговара само пред Собранието на Република Македонија.

Во ингеренциите на Дирекцијата дадено е право да издава одобрение во врска со обработка на посебните лични податоци, кое претходно треба да биде прибавено од страна на субјектот кој треба да врши обработка на посебните лични податоци.

Затоа Советот на Самостојниот Синдикат констатира дека и оваа обврска од член 29 од ЗЗЛП не е исполнета од страна на Управата да презентира доказ за добиена одлука од Дирекцијата пред да го достави барањето за централната електронска евиденција до ЈЗУ.

Советот цени дека покрај прекршувањата на обврските од наведените членови, во целост не се почитувани интенциите на Законот за заштита на личните податоци како општ закон поради што е потребно покрај уставноста да се оспори и законитоста на одредбата од член 92-д од законот за здравствена заштита на која се и заснова барањето на Управата.

– Барањето на Управата е спротивно на одредбите и определбите на Законот за работни односи, како општ закон во кој генерално се определуваат правата и обврските на сите категории на работниците кои права и обврски на работниците од работен однос содржани во други закони неможат да бидат спротивни на одредбите од овој закон (ЗРО). Во член 1 став 1 од ЗРО е нотирано дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Според член 3 став 1 од ЗРО, со овој закон се уредуваат работните односи на работниците вработени во: државните органи, установите (во кои се вбројуваат и ЈЗУ), државните претпријатија и др. Во член 5 од ЗРО е определено значење на изразите: работен однос, работник, работодавач и други изрази. Работен однос е договорен однос меѓу работникот и работодавачот. Работник е секое физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор, а работодавач е секое правно или физичко лице кое вработува работници врз основа на договорот за вработување.

Според наведените одредби на ЗРО недвосмислено е дека јавните здравствени установи се работодавачи бидејќи тие склучуваат договори за вработување со здравствените работници во статус на правно лице и како странка на договорот –работодавач. Јавните здравствени установи се застапувани и претставувани од директори како нивни законски застапници.

На тие основи: договор за вработување, ЗРО и другите подзаконски акти здравствениот работник ги остварува правата и обврските од работен однос меѓу кои и работното време.

– Работното време е работноправен институт на трудово законодавство и е од особено значење за склучување договор за вработување од аспект на остварување на правата и обврските од работен однос, условите за работа, заштитата на правата и друго.

Со оглед на тоа значење ЗРО содржи посебна глава за работно време (глава IX со членовите од 116 до 131). Обемот на овие подглавја укажува на колкава правна основа и ширина е нотирано работното време во ЗРО.

Со оглед да барањето на Управата се однесува на воведување на Централна електронска евиденција на работното време, нужно е да се прикаже како прашањето на електронска евиденција е уредено во член 116 од ЗРО.

Во одредбата на овој член е уредено времетраењето на полно работно време, а во став 6 од овој член е дадена должност на работодавачот да води евиденција за полно работно време, а според став 7 од овој член доколку тој има над 25 вработени и процесот на работа се врши на едно или повеќе локации, работодавачот е должен на секоја локација да води електронска евиденција на полно работно време и на прекувремената работа, што значи дека евиденцијата на работното време е во исклучива надлежност на работодавачот.

Во врска со доставеното барање особено е значајна одредбата од член 116 точка 9 од ЗРО, која гласи “начинот и водењето на електронската евиденција на полното работно време и на прекувремената работа од ставот 7 на овој член ги пропишува Министерот за работите од областа на трудот“. Тоа значи начин и водењето на електронската евиденција на полното работно време и прекувремената работа не е во надлежност на Управата туку на друг орган означен во член 116 став 9 од ЗРО.

Согласно изнесените констатации и наведените одредби на Уставот на Република Македонија, Законот за заштита на личните податоци и Законот за работните односи, Советот на Самостојниот Синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија го дава следното

М И С Л Е Њ Е

Барањето на Управата за електронско здравство на Министерството за здравство на Република Македонија доставено до Директорите на ЈЗУ за воведување на Централна електронска евиденција на работното време на вработените во ЈЗУ со употреба на биометриски податоци е издадено од ненадлежен орган.

Планираната Централна електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ со употреба и обработка на личните податоци, а особено употребата и обработката на посебните категории на лични податоци се спротивни на наведените одредби: на Уставот на Република Македонија, Законот на заштита на личните податоци и Законот за работните односи.

Затоа Советот на Самостојниот синдикат инсистира од Управата да го повлече своето барање за воведување на Централна електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во ЈЗУ, бидејќи начинот и водењето на планираната евиденција на работното време е понижувачка, навредлива и го нарушува личниот интегритет на вработените во ЈЗУ.

Советот на Самостојниот Синдикат на истата седница донесе одлука за ПРЕВЗЕМАЊЕ НА РАДИКАЛНИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ НА ЈЗУ, доколку барањето на Самостојниот синдикат за повлекување на планираната Централна електронска евиденција не биде прифатено од страна на Управата.

Скопје, 10.02.2017 година

Со почит,

Претседател

________________

д-р Горан Беговиќ