Пцости, навреди, закани, тупаници, влечење на коса..Ова веќе е секојдневието на кое се изложени здравствените работници во земјата. Работат под притисок и страв дека може да бидат нападнати од пациенти или членови на нивни семејства само затоа што нема преглед веднаш и кога тие сакаат. Во Ургентниот центар во ГОБ 8-ми септември секој ден вработените се соочуваат со вербални и физички закани. Иако установата има обезбедување, принудени се најмалку два пати во неделата да бараат полициска асистенција. До инцидентите, според кажувањата на персоналот, доаѓа кога придружниците на болниот бараат тој под итно да биде прегледан од лекар иако во ходниците чекаат и други итни случаи. Менаџментот на болницата бара итно носење на Законот за доктори кој е во подготовка околу 5 години. Инсистираат на лична заштита како што тоа го имаат и пациентите со законот за заштита на пациенти. Додека тоа се случи, дел од решението веќе го има.
Здравствените работници станаа службени лица
Со последните измени на ЗЗЗ, во членот 304-г е регулиран нападот врз здравствен работник. Лицата во бели мантили станаа јавни службеници и секој напад врз нив е казниво дело. Парична или затвор до три години при напад или сериозна закана кон здравствен работник. Со затворска казна од 6 месеци до 5 години ќе заврши оној кој телесно ќе повреди лекар или му се заканува со употреба на оружје. За тешка повреда казната е од една до 10 години.