Лекарите во јавното здравство ќе можат да заработат поголема плата. Со новите измени на законот за здравствена заштита нема ограничување на дополнителната дејност на 8 часа неделно туку докторите имаат право секој месец во попладневните часови и викендите да прегледуваат, снимаат или опериреаат уште 30 пациенти.
Болниците и клиниките треба сами да го направат ценовникот за здравствените услуги кои ќе се даваат после работното време и колкав процент од парите ќе им следуваат на лекарите. За да нема злоупотреби во “Мој термин” ќе има точно декларирани термини за дополнителна дејност.
-На тој начин на минимум ќе се сведат злоупотребите, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.
Ако лекарот е избран меѓу 100-те најдобри претходниот месец, следниот ќе има право на дополнителна дејност за 60 здравствени услуги. Исто така со законските измени кои се во собраниска процедура се предвидува и 50 проценти од приходите остарени од странски пациент да им припаднат на медицинскиот тим кој го третирал болниот. Како што истакна Тодоров ова е усогласено со сите релевантни чинители во здравството, коморите, медицинскиот факултет, како и со синдикатот на клинички и самостојниот синдикат. Целта е со сет мерки за поголема финансиска стимулација што повеќе лекари да се вратат од приватното во јавното здравство.
Извор: здравство24.мк