Фактор.мк: ИНТЕРВЈУ Д-Р ГОРАН БЕГОВИЌ: Лекарите се демотивирани, пациентите гневни! Каде е излезот?!

Довербата и взаемната почит на релација лекар –пациент е основата на која треба да се градат вредностите на здравствениот систем. Потребна е  добра медиумска подршка за пациентите да разберат дека не се сите доктори корумпирани, туку можеби  многу мал дел, дека имаме многу квалитетни доктори и дека докторот не е нивен непријател – вели во интервју за Фактор,
д-р Горан Беговиќ
, претседател на Самостојниот Синдикат на Универзитетски клиники.

Истовремено вели, на пациентите треба да им е јасно дека докторот не е семоќен и дека и покрај неговите желби и залагања лекувањето не е секогаш успешно. Притоа само задоволен доктор може да пружи квалитетна услуга, а без задоволен доктор не може да има задоволен пациент. 
Затоа, додава  д-р Беговиќ, неопходно е итно донесување на Закон за доктори, кој покрај другото, во себе треба да вклучи квалитетни права и заштита на докторите и одредување на достоинствена минимална плата, бидејќи  лекарската дејност која изискува големи стручни познавања, истовремено е една од најсложените и најодговорни струки  која треба да се  валоризира  и  правилно да го вреднува нивниот труд  и достоинство.
Беговиќ во интервјуто, отворено говори за причините за одлив на лекарите, за маните на здравствените реформи, за „Мој Термин“ и „Плата по учинок“.   

Фактор: Деновиве има големо единство помеѓу лекарската фела но и медицинскиот персонал по немилиот инцидент на Клииката за дигестивна хирургија кога беше повреден ваш колега. Покрај осудата за настанот на површина излегоа и проблемите кои допринесоа со недоверба да се гледа на здравствениот систем и работата на лекарите. Што добивме, а што изгубивме со вака спроведените здравствени  реформи  и колку секоја од нив влијае на вашата работа? 

Д-р Беговиќ: Од овие реформи во целина гледано изгубија и пациентите и здравствените работници и соработници. Здравствениот систем се базира на три столба. Првиот се пациентите, вториот докторите и останатиот здравствен персонал и третиот е здравствениот буџет, односно опременоста на Јавните здравствени установи (ЈЗУ) со квалитетни дијагностички и терапевтски средства и квалитетна болничка услуга.
Ресорното Министерство својата здравствена политика која ја нарече пациент-центричен систем, ја засноваше на пациентот и инвестицијата во материјално-техничките средства. Изготви Закон за правата на пациентите, а истовремено за да пациентите ја разберат грижата за нив почна со невидена медиумска кампања во која како главен кривец беше посочен здравствениот персонал, особено докторите.
Се поставија камери за контрола на здравствениот персонал, со претпоставка дека поголемиот број од докторите се корумпирани. Се воведе 24 часовна отворена телефонска линија за пријавување на корупција. Јавните здравствени установи се облепија со пароли НЕ ПРИМАМ МИТО!!!
Од самиот Министер почнаа контроли на здравствениот персонал, со проверки на докторот како ја обавува својата работа во раните утрински часови, до утврдување на хигиената во ЈЗУ. Јавните здравствени установи беа опседнати со постојани контроли од Државниот санитарен инспекторат, со казни или закани за казни до ЈЗУ или здравствениот персонал. Се зголеми обемот на административната работа, па ЈЗУ беа принудени да одвојат дел од здравствените работници да ја исполнат таа обврска.
Со измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита од 2014 година се воведоа картички за контрола на здравствениот персонал, видео контрола на полагање на испити на специјализантите со истовремен приказ на интернет во живо, уценувачки договори за покривање на трошоците на специјализацијата од работа во ЈЗУ до 15 години по специјализацијата или 10-кратен повраток на материјалните средства. Се воведе задолжителна едукација на докторите во странство, независно од нивната возраст и стручност. Измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита  обилуваа со  термините: “Докторот е должен“, “Докторот ќе се казни“,“ЈЗУ ќе се казни“, при што казните изнесуваа и до 15000 евра.
Се случи и тотална девалвација на нивното знаење и труд и тежината на нивната работа, преку компарација на видео игра со оперативен третман.
Инвестицијата во опремата исто така, беше проследена со силна медиумска поткрепа.

Фактор: Каде ги лоцирате проблемите за нарушениот однос лекар-пациент и како треба да се гради довербата?

Д-р Беговиќ: Пораката која Министерството сакаше да ја упати за грижата кон пациентите, кај дел од нив беше погрешно разбрана дека докторите и здравствениот персонал се недоволно едуцирани, корумпирани, неодговорни и непријателски настроени кон нив и се главни виновници за несаканиот исход во лекувањето на пациентот. Дел од пациентите и нивните блиски роднини станаа агресивни кон докторите, крајно дрски и невоспитани.
Сето тоа створи огорченост и чувство на омаловажување и деградирање кое се јави кај докторите и здравствениот персонал, кои останаа запоставени во целиот тој систем.
Крајно, се изгуби природната симбиоза помеѓу докторот и пациентот што создаде неповерливост и непријателски однос на дел од пациентите кон докторите.
Докторите станаа демотивирани и се чувствуваа дека системот ги поставил само како извршители на услугите кон пациентите.

Оваа разочараност се надоврза на исклучително ниските плати на здравствените работници наназад скоро 20 и повеќе години. Дел од докторите го сменија своето однесување кон пациентите, негледајќи ја повеќе мотивираноста за извршување на својата хумана, но истовремено тешка и одговорна работа.
Сето ова доведе до одлив на доктори од јавното здравство во приватните здравствени установи и во странство.  Особено е впечатлив одливот на млади доктори.

МОЈ ТЕРМИН И ПЛАТА ПО УЧИНОК ИМААТ НИЗА НЕДОСТАТОЦИ
Фактор: Критички сте настроени кон проектите плата по учинок и Мој термин. Кои се нивните недостатоци?

Д-р Беговиќ: Поединечно, проектите плата по учинок и Мој термин се со низа недостатоци и избрзано внесени во практичната употреба. Не велам дека како идеа не се позитивни, но еве погледајте го проектот плата по учинок. Ваков каков што е применет не е во ниедна друга држава во светот. Во основата нема нов буџет и во рамките на истиот се воведува проектот плата по учинок. Докторите треба да се натпреваруваат меѓу себе да ги остварат своите плати кои ги имале претходно или на сметка на својот колега да си ги покачат своите плати до 20%.
Последицата е да иако се во називот (плата по учинок) мотивирани да работат повеќе и следствено на тоа поголемиот број да остварат поголеми материјални приходи од претходно, со овој тн. Нула буџет распределбата на тие што ќе добијат зголемување и тие што ќе изгубат од претходната ниска плата мора да е подеднаква, односно претходните ниски приходи на едниот доктор се прелеваат кај другиот доктор за до 20%. Неминовен исход на примената на таквото наградување е раздор во колективот во кој работата е тимска.
Овој нула буџет го покажува парадоксот на целиот проект по учинок, односно неговото горно ограничување на 20%. Ако е проект по учинок не може да е ограничен до 20% или гледано од друг аспект се поставува прашање кога докторот ќе знае дека ги изработил тие 20% и ако ги изработил пред да помине тековниот месец или три месеци, како што е предвидено во проектот, дали треба да ја прекине својата работа за тој месец, односно тие три месеци. Проектот има и други недостатоци, при што е многу битно тоа што не е одредена тежината и вредноста на изработените поединечни услуги.

Проектот Мој термин, би требало да е во неговата основа позитивна идеа. Но, неговата сегашна примена во практиката е исклучително лоша. Скоро да нема доктори во Универзитетските Клиники (најверојатно ист е случајот и со Градската општа болница и со Градската Хируршка болница) кај кои матичниот доктор може да го упати пациентот поради презафатеност со термините. Затоа матичниот доктор мора да го упати со приоритет (иако не е итен случај) за да пациентот биде прегледан од докторот
кај кој сака да биде упатен. Истовремено, голем проблем е времетраењето на прегледот и претходно фиксното одредено време на приемот за преглед. Во амбулантите на Универзитетските Клиники се примаат и итни случаи, кои не смеат да чекаат и мора да бидат прегледани веднаш. Со нивниот преглед доаѓа до померување на сите фиксни закажани термини. Иако се поставени 2 интернет мрежи во секоја ЈЗУ, доста често интернетот откажува. Во поголемиот број ЈЗУ докторот е претворен во административен работник и поголемиот дел од времето предвидено за преглед на пациентот го користи за таа цел. Сето тоа доведува до нервоза и кај пациентите и кај лекарите.

МОЖЕН ШТРАЈК НА ЛЕКАРИТЕ

Фактор: Дали барате оставка на Ресорниот Министер и дали планирате да штрајкувате?

Д-р Беговиќ: На собирот во амфитеатарот на Хируршки клиники беа поставени три барања:

  1. Морална одговорност на Министерот за здравство, не е побарана оставка
  2. Изготвување на Закон за доктори
  3. Промени во постоечката законска регулатива

Како што знаете Министерот за здравство јавно истакна дека чувствува морална одговорност, која е личен чин. Се потпиша повелба помеѓу Министерството за здравство, Лекарската комора и Македонското лекарско друштво при што потписниците јавно се обврзаа, секој во своите ингеренции, дека ќе работат на заштита и унапредување на докторската професија преку донесување на Закон за докторската дејност. Самостојниот синдикат ги цени како позитивни овие превземни чекори. Последното барање ќе биде изнесено на преговорите на Самостојниот синдикат со Ресорното Министерство.
За вториот дел од прашањето, членството не доставило такво барање до Синдикатот и засега не е разгледана таквата опција како дел од решавање на проблемите. Одлука за штрајк носи Советот на Самостојниот синдикат. Се надевам дека надлежните власти ќе имаат слух за нашите проблеми и дека заеднички ќе ги решаваме преку преговори.
Доколку проблемите не се решат со преговори, ќе се свика седница на Советот на Самостојниот синдикат и на него ќе се донесе одлука дали да се повика членството на штрајк.

Фактор: Како да се надминат овие состојби, каде ги гледате решенијата?

Д-р Беговиќ: Морам да истакнам дека по јавната расправа во ноември месец 2014 година како Синдикат воспоставивме коректна соработка со ресорното Министерство.
Како резултат на таквата позитивна соработка успеавме да го потпишеме Анексот за изменување и дополнување на поединешниот Колективен договор со Директорите на Универзитетските Клиники и Универзитетските институти. Пред две недели го потпишавме и Анексот за изменување и дополнување на поединечниот Колективен договор и со Директорите на Стоматолошкиот клинички центар и Институтот за ТБЦ и белодробни заболувања.

Имаме голем придонес во припремата на Законот за сестри и акушерки. Задоволни сме од Предлог верзијата на Законот за сестри и акушерки, каде се прифатени голем дел од нашите сугестии. По правните совети на Комисијата за прописи и правни прашања на Самостојниот синдикат, Извршниот одбор одлучи да претставници на одборот на сестри, на изготвувачите на Законот за сестри и акушерки, во членот 27 кој се однесува  на сестрите со средна спрема и над 15 годишно работно искуство да им достави свој предлог, за кој ќе инсистира да се примени. Пред реализација сме за покачување на коефициентот за плати за фармацевтите специјалисти.

ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ 

Со ова претходното сакам да истакнам дека нашата определба е да проблемите ги решаваме по пат на преговори се додека тие се на коректно ниво. Она во што сакаме да навлеземе е да при секое изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита биде извршено заеднички со нас, како рамноправен партнер од својата почетна фаза.
По немилиот настан и обавените разговори со членството, ИО на Самостојниот синдикат на одржаната седница, донесе одлука за итни преговори со Ресорното Министерство за следните барања:

  1. Формирање систем за заштита на достоинството и угледот на здравствените работници и соработници.
  2. Квалитетна и професионална заштита на здравствениот работник и соработник
  3. Самостојниот синдикат на клинички центри да биде рамноправен партнер во изготвување на нова законска регулатива од почетната фаза.
  4. Закон за сестринска и акушерска дејност во кои ќе бидат опфатени и сестрите со средна стручна спрема и долго работно искуство.
  5. Бенефициран работен стаж за оние профили на кои им следува.
  6. Дополнителна работа без никакви условувања.
  7. Од потписниците на Повелбата ќе инсистираме Законот за докторска дејност да донесе достоинствена минимална плата за докторите.

Фактор: Деновиве во знак на револт се сопрени на неколку дена операциите и прегледите на Клиниката за дигестивна хирургија. Директорот го впери прстот кон новинарите кои според него биле виновни за состојбите и третманот кон лекарите. Дали генерализацијата на сите новинари како творци и виновници за негативна кампања врз докторите не  е исто ранливо  како да се генерализираат сите доктори како нестручни и непрофесионални?

Д-р Беговиќ: Секако дека како што важи за докторите дека не се сите исти, истото важи и за новинарите, па и за сите други струки. Моето размислување е дека самата поставеност на тој тн. Пациент-центричен систем и неговата силна медиумска кампања во која учествуваа дел од Вашите колеги доведе до ваквиот став на докторите кон новинарите.
Ако дозволите, би ја искористил оваа прилика во мое име и во име на Синдикатот на Клинички центри Ви ја изразам нашата голема благодарност за Вашиот придонес, при двата настани. За цело време најголемиот број од медиумите ни дадоа силна подршка и известуваа објективно. За нас во Самостојниот синдикат на Клинички центри е од суштинско значење односот кон новинарите.
Сакам да го истакнам нашиот став дека право на секој новинар е како ќе известува за настанот. И ние немаме  намера да ги оценуваме и етикетираме новинарите на принцип на тоа дали пишуваат добро за нас или не. Секогаш сме спремни да прифатиме објективна и позитивна критика. Единствено што би сакале е коректно и објективно известување, а секое евентуално недоразбирање да го решаваме на основа на дијалог.

Фактор: Побаравте преговори за носење на подобри законски решенија. Очекувате ли средба или можеби подобро речено дали ќе иницирате средба со надлежните, особено поради фактот дека има сериозно незадовоство помеѓу вработените во здравствениот сектор?

Д-р Беговиќ: Уште од понеделник ќе доставиме официјално барање за званични преговори со Ресорното Министерство за овие барања кои јавно ги побаравме. Се надеваме дека во текот на наредната недела истите ќе отпочнат. Објективно очекуваме од Институциите да наидеме на позитивен одговор во решавањето на овие барања.

Извор: Фактор.мк ноември 15, 2015