ДО
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО
- Г-дин Министер, Доц. д-р Венко ФИЛИПЧЕ
Предмет: Информација за потребите од изземање на вработените во областа на здравството од Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници
ПОЧИТУВАН,
Ви се обраќаме со информација која произлегува од состанокот одржан на ден 17.01.2019 година во Министерството за здравство на РСМ помеѓу Министерот за здравство и претставниците на синдикатот, а во врска со заклучоците кои произлегоа од истиот. Имено постапувајќи по задолжението дадено на истоимениот состанок од страна на Министерот за здравство, Ве известуваме дека тим на правници од кампусот клиники ,,Мајка Тереза –Скопје ги разгледаа и утврдија основите и причините од кои произлезе потребата за изземање на вработените во областа на здравството од Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници.
Во контекст на горе наведеното, го истакнуваме следното:
Административните работници-јавните службеници во јавните здравствени установи, периодот наназад се профилираа во единствен профил со свои специфики кои ги одделуваат од останатите административни службеници, особено од државните службеници. Спецификите се огледат во следното:
1.Единствена и комплексна содржина на работење
Работењето на јавните службеници / работници од правна и економска струка / во јавните здравствени установи е единствено и комплексно по својата содржина, примарно насочено кон логистика во работењето на јавните здравствени установи со цел истите да функционираат како правни лица и да ги извршуваат дејностите за кои се основани како и кон подршка на здравствените работници и соработници во пружање на здравствените услуги на корисниците.Имено истите се неизоставен чинител кој го помага и овозможува секојдневното нормално функционирање на здравствените установи и претставуваат дел од една целина во која на интегрален и нераскинлив начин постојат заедно со давателите на здравствените услуги . Поаѓајќи од ова, основното работење на овие службеници е спроведување на Законот за здравствената заштита и Законот за здравственото осигурување и правилата од нивните подзаконски акти, како и севкупноста на сите останати закони со кои се регулира здравствената заштита и кои се дел од здравствениот систем на РСМ како на пр.Законот за лековите и медицинските средства, Законот за санитарна и здравствена инспекција, Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за медицинските студии, Законот за трансфузиона медицина, Законот за евиденции во областа на здравството, Закон за заштита на населението од заразни болести, Закон за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност … и низа други, со севкупните нивни подзаконски акти кои се во голем број.
Работењето опфаќа примена и на низа други прописи од повеќе области, општи системски прописи / Законот за установите, Закон за употреба на јазиците, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за заштита на личните податоци, Закон за постапување по претставки и предлози, Закон за високото образование, Закон за архивско работење, Закон за извршување на буџетот, / прописи од правосудната област / Законот за парничната постапка, Законот за кривичната постапка, Законот за извршување, Законот за нотарјатот и др./ прописи од областа на работните односи / Законот за работните односи, Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за празниците, Законот за пензиско и инвалидство осигирување и др. со севкупните подзаконски прописи / , Законот за облигационите односи и др./ Законот за јавните набавки и прописи од областа на сметководственото работење / Закон за сметководство за буџетите и буџетските корисници, Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување,Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, Закон за финансиска дисциплина и други закони.
Воедно сакаме да го потенцираме и фактот дека административното работење во јавните здравствени установи е во постојан пораст, што произлегува од нови или изменети и дополнети законски и подзаконски прописи и обврските за постапување кои произлегуваат од истите.
2.Ограниченост на човечките ресурси
Наназад гледано:
– во здравствените установи административниот кадар е во минимум застапен, заради што еден извршител во своето работење сублимира низа работни задачи или повеќе работни места.
На пр. правникот, кој по правило е еден во здравствената установа, работи нормативна работа, работи на управување и раководење, работни односи и човечки ресурси, работи на застапување пред судовите, јавни набавки и се друго што е потребно; економистот, кој исто така по правило е еден во здравствената установа, работи и сметководствени работи, финансии, работи на планирање, комерција и се друго што е потребно, а поврзано со економското работење.
– фактот е дека бројот на административните работници во јавните здравствени установи перманентно се намалува, па не само што не се вработуваат нови кадри, туку и упразнетите места со природен одлив не се пополнуваат со нов кадар, веројатно поради примарноста на здравствената дејност и обезбедување на кадар за вршење на истата.
Различноста со останатите административни службеници произлегува од фактот дека:
– Државните и другите административни службеници,согласно со Начелото на сервисна ориентираност од чл.8 ст.2 од Законот за вработените во јавниот сектор, се сервисно ориентирани, односно активни и кооперативни со цел ефикасно остварување на правата и интересите на странките, а согласно со Изјавата за прифаќање на декларацијата за заедничката мисија на вработените во јавниот сектор нивни клиенти се граѓаните, што не е случај со јавните службеници во јавните здравствени установи затоа што истите се исклучиво ориентирани и сервисно насочени кон обезбедување на ефикасно тековно работење на здравствените установи како правни лица и кон здравствените работници и соработници како одговорни носители во истата.
Поточно администрацијата во здравството е остручена за извршување на работни задачи како што се ,,Мој термин,, ДСГ – цени на извршени здравствени услуги во болничка здравствена заштита, АСК-пакети на завршени епизоди на лекување во специјалистичко консултативна здравствена заштита, ДБ-специјалистички пакети на завршени епизоди на лекување во дневна болница и други услуги кои се исклучиво поврзани со реализација на здравствената дејност односно наплата на извршените здравствени услуги од страна на докторскиот персонал,како и тоа што администрацијата е остручена за спроведување на јавни набавки кои се чувствителни и специфични во областа на здравството, а со кое се овозможува навремено извршување на здравствената дејност што само по себе укажува и ја одвојува администрацијата во здравството од останатата администрација во јавниот сектор.
-Содржината на работењето на државните и другите административните службеници е насочена кон примена на Законите за општата управна постапка, Законот за управен спор и определен lex specijalis, наспрема сите законски прописи кои ги применуваат јавните службеници во здравствените установи во своето работење, а погоре наведени и
-Можноста државните и другите административни службеници работните задачи, по вид и обем, да ги распоредат кај повеќе извршители поради нивната кадровска екипираност по нивоа, наспроти извршувањето на хетерогени работни задачи од страна на еден јавен службеник во јавните здравствени установи.
Сметаме дека погоренаведената специфика на јавната администрација во јавните здравствени установи не е отсликана во Законот за административните службеници, а некои одредби од истиот се неприменливи како на пр.
-Класификација на работните места по нивоа на работни места и унапредување на административните службеници со цел за кариерно напредување на истите, од причини што јавните здравствени установи не располагаат со доволен број на јавни службеници за нивно распоредување по различни нивоа на работни места, а со тоа и кариерното унапредување по овој принцип;
-Видовите на задолжителни генерички обуки предвидени во годишната програма на МИОА по својата содржина се несоодветни во однос на административното работење во областа на здравството, а со тоа и неприменливи и непотребни во работењето и извршувањето на работните задачи од страна на административните работници во здравството како и ред други слични примери кои укажуваат на неприменливост на Законот за административните службеници во однос на административното работење на административните работници во областа на здравството .
Воедно сакаме да истакнеме дека Законот за административни службеници со целокупноста на подзаконските прописи кои го следат е еден корпус на прописи за чија примена во јавните здравствени установи нема основни предуслови, односно нема доволен број на стручен кадар, кој факт во никој случај не смее да се пренебрегне од причина што истото влијае на квалитетот и успешноста во работењето на истите.
Од причините изнесени погоре сметаме дека јавните службеници во јавните здравствени установи треба адекватно да се регулираат во законските прописи и соодветно да се вреднуваат во колективните договори за плата.
Поаѓајќи од спецификите на работењето на административните службеници во јавните здравствени установи потребно е утврдување на нивен статус различен од статусот на останатите административни/јавни службеници вработени во јавниот сектор, за која цел неопходно е да се направат измени во законските прописи каде истите се спомнуваат како административни службеници во здравството односно во Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници и утврдување на статусот на истите со lex specijalis односно Законот за здравствената заштита каде е регулиран статусот на здравствените работници и здравствените соработници и помошно техничкиот персонал.
Аналогно на потребата за изземање на административните работници од областа на здравството од Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор се наметнува и потребата за изземање на давателите на услуги и помошно техничкиот персонал од Законот за вработени во јавен сектор, а поради неприменливоста и усложнување на процесот на работа во здравствените установи кое нешто не трпи одлагање и пролонгирање на процесот на работа без последици по истото.
Како пример го посочуваме унапредувањето на здравствените работници во раководител на оддел односно одделенска сестра без кое неможе да се замисли нормалното функционирање на одделот, а согласно Законот за јавен сектор истото подразбира претходно обезбедување на финансиска согласност од Министерството за финансии и распишување на интерен оглас што само по себе ја усложнува и одолговлекува постапката за нивно унапредување и е спротивно на потребите во секојдневното работење на здравствените установи бидејќи истото не трпи одлагање и одолговлекување на постапката.
Исто така примената и постапувањето по Законот за вработените во јавниот сектор при унапредување на здравствените работници како во делот на стручното звање така и во делот на наставно научното звање, а кое нешто редовно и често се случува во јавните здравствени установи бидејќи истите редовно специјализираат и супспецијализираат во својата област и се стекнуваат со наставно научни звања(асистент, доцент, научен соработник, професор), подразбира пред се измена на постоечката систематизација со дополнување на истата со стекнатото звање на здравствениот работник доколку истото како бројка не е предвидено во актот за систематизација.Наведеното само по себе значи одолговлекување и усложнување на постапката за распоредување на здравствениот работник соодветно на неговото стекнато звање бидејќи постапката за измена е идентична со постапката за донесување на актот за систематизација т.е. по претходно добиена согласност на измената на актот за систематизација од Министерството за здравство и Министерството за информатичко општество.
Во контекст на наведеново тоа би значело менување на актот за систематизација онолку често колку што здравствените работници стручно и научно ќе се унапредуваат, што само по себе укажува на неприменливоста и безсмисленоста на овие одредби од Законот за вработени во јавниот сектор во областа на здравството.
Поаѓајќи од сето горе наведено, а имајќи во предвид и ред други примери кои укажуваат на неприменливоста или отежната примена на Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници во областа на здравството, го истакнуваме нашето барање за изземање на сите вработени во областа на здравството од Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници и регулирање на нивниот статус исклучиво со lex specijalis односно Законот за здравствената заштита и Законот за работните односи во делот на правата и обврските од работен однос, со што би се овозможило непречено тековно работење при извршувањето како на здравствената дејност така и на работите од административна и техничка природа.
СО БЛАГОДАРНОСТ
Претседател на Самостојниот синдикат на вработените во
универзитетските клиники, центри, клинички болници и други
јавни здравствени организации во Република Македонија
супспец. д-р Горан Беговиќ д-р сци