Лекарска комора: Платите на лекарите требаше да се зголемат 15 отсто, а не 5 отсто

Извршниот одбор на Лекарската комора на Македонија, како професионална докторска асоцијација, изразува револт и незадоволство во врска со договорот за определување на најниската плата во јавниот здравствен сектор што ја потпишаа Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Министерството за здравство со која вредноста на бодот се зголемува за 5 отсто.

„Реакцијата е резултат на висината на зголемувањето на бодот која е повеќе од скромна, особено што таквата корекција не е во согласност со висината на зголемување за кои разговараа синдикатите (Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Синдикатот  на клинички центар) и Лекарската комора. Имајќи го предвид ваквото непочитување на договореното околу зголемувањето на платите во здравството кое во разговорите беше определено на околу 15 отсто за 2018 година, Извршниот одбор смета дека синдикатите и нивните органи и тела во најкус можен рок треба да вложат напори и да се корегира процентот на зголемување на платите на докторите, а во спротивно тие треба да поднесат морална одговорност“, се вели во соопштението од Комората.

Извршниот одбор смета и  дека со корекцијата треба да бидат опфатени матичните лекари и цени дека покачувањата мора да бидат сеопфатни и да се однесуваат на здравствениот систем во целина, а направеното зголемување, како што беше оценето, е парцијално и предизвикува непотребни поделби и конфронтации кај колегите.

06/09/2018
Извор: Слободен печат