Крвта ќе се транспортира со возила во 12 централни лаборатории, а во хирурките одделенија ќе има мали апарати за итни случаи за кои лаборантите сметаат дека ги немаат сите анализи
Нов тендер за реагенски тежок 35 милиони евра за кој Министерството за здравство распиша оглас внесе страв и предизвика бура од реакции кај лекарите, лаборантите и биохемичарите. Станува збор за голема централизирана набавка на реагенси за наредните три години за кој министерот за здрваство Венко Филипче смета дека ќе донесе голема заштеда. Стручната фела посочува дека со оваа набавка се предвидуваат тектонски поместувања во системот на функционирање на лабораториите што ќе има негативни последици за пацинетите, но и за вработените.
Резулатите од анализите нема да се издаваат истиот ден како досега, а крвта ќе се транспортира во други градови во 12 централни лаборатории, одредени од Министерството за здравство.
НОВА дознава дека комисијата составена од четворица лекари и бихемичари кои требало стручно да се изјаснат кои реагенси се потребни, всушност добиле готов план и стратегија од Министерството за здравство каде што само требало да ги стават своите потписи. Извори за НОВА тврдат дека ништо во тендерот не било нивна идеја, туку вака скроениот тендер е исклучиво политичка одлука на Министерството за здравство. А, токму тоа ги загрижува лаборантите и биохемичарите кои тврдат дека ниту биле повикани, ниту консултирани за големата набавка на реагенси.
Тендерот предвидува вкупно 12 централни лаборатории да ги изработуваат анализите и во нив крвта ќе биде транспортирана од другите здравствените установи во држава. Според најавите, биолошкиот материјал, односно крвта ќе се собира од 10 и 30 до 14 часот, а резултите пациентите ќе ги добиваат дури наредниот ден. На скопоските клиники велат дека ова ќе биде голем проблем не само за воспоствувањето на дијагноза и пружање помош што побргу, туку пред се за пациентите кои од други градови во внатрешноста ќе мораат да патуваат утредента повторно за лекарот да ги види резулатите и да им напише терапија. Со тоа се создаваат дополнитени трошоци за пациентите, а се зголемуваат и болничките денови.
Според листата на централни лаборатории до која дојде НОВА, крвта од пациентите од Кавадарци, Неготино, Валандово, Гевгелија нема да се анализира во тие градови, туку ќе се праќа во централната лабораторија за овој регион, а тоа е општата болница во Струмица. Во Болницата во Битола ќе се носи крв за анализа дури од Велес, од Демир Хисар, Прилеп, Македонски Брод, Ресен, Крушево.
Во болницата „8 Септември“ ќе се транспортира крв од родилките од специјалната болница за гинекологија во Чаир, од Психијатриската болница во Бардовци, Здравствената станица во Железара, Геронтолошкиот задов во населбата Ѓорче Петров, болницата за белодробни заболувања кај децата во Козле, Здравствен дом –Скопје. Сите овие здравствени установи иако имаат свои лаборатории нема да вршат испитување на крвта во нив.
Вработените прашуваат што всушност ќе работат тие, ќе има ли отпуштања од работа, дали ќе се вршат анализи во попладневните и ноќните часови, што ќе прават со итните случаи.
„Загрижени сме што ќе работи овој стручен кадар, но и како без протокол и стандарди за транспортирање ќе се разнесува крвта, која во исто време е високо расиплив и ризичен биолошки материјал. Иако во тендерот се бараат ИСО стандарди тоа не е гаранција дека крвта ќе стигне безбедно или дека нема да има промена во резултатот со пролонгирање на анализата“, се дел од коментарите на лаборантите.
Поради вака настаната состојба во вторник во Синдикатот на скопските клиники ќе се формира работна група составена од лаборанти, биохемичари и биолози која треба да завземат став по однос на овие работи и ќе бараат прием кај министерот Филипче.
Тие сметаат дека треба да се реагира навреме бидејќи огласот е во тек, а понудите од фирмите треба да се достават најдоцна до 16 јули.
„ Тие дојдоа кај нас во Синдикатот и сметаме дека треба да реагираме побргу со дијалог бидејќи времето е ограничено. Во вторник ќе се формира работната група, по што ќе бараме прием кај министерот Филипче. Нашата загриженост е во делот на тоа дали ќе има отпуштања од работа на вработени во лаборатории кои веќе нема да изработуваат анализи, како и во делот на ноќните дежурства како ќе биде регулирано тоа“, изјави за НОВА, Горан Беговиќ претседател нСиндикатот на Клиничкиот центар.
др. Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар
Според најавите, фирмата која ќе го добие тендерот е должна да обезбеди транспорт за кртва, но и електронски систем со кој ќе бидат поврзани лабораториите.
Лекари за НОВА велат дека дека додека светот ја води технологијата на анализирање на крв до совршеноство, ние се враќаме со години назад.
„Се враќаме на партизанско работење со ваков начин на транспортирање на крвта. Тоа е расиплив биолошки материјал од кој голем дел е инфективен. Ризик постои и во зимскиот период кога може да се случи патиштата да се заледни или непроодни со што ќе се блокира транспортот на крв. И во што се состои заштедата на тендерот ако се знае дека цената на реагенсите паѓа континуирано, а ние ќе набавуваме реагенси однапред за три години. Згора на се ќе мора да се ангажираат шофери, транспортери, а стручниот кадар нема да може да си ја врши својата работа во посточеките лаборатории, “ велат лекарски извори за НОВА.
Лекарите стравуваат дека заштедата ќе се одрази врз здравјето на пациентите
Лекарите велат дека ова се коси и со медицина базирана на докази, со протоколите на работа бидејќи разни ситуации налагаат различен третман кај пациентите. Тие го посочуваат примерот со вон материчната бременост кога се работат специфични анализи, од час во час и во такви ситуции не може да се чека. Посебни и итни анализи има на детската онкологија, на инфективна клиника. Тие не знаат дали ќе се прават анализи на крв во попладневните и ноќните часови, особено што ќе биде со итните случаи и сметаат дека на ваков начин клиниките ќе станат собирни пунктови, пациентите ќе шетаат ноќе по клиниките во хаосот.
„Која е заштедата со тендерот, ако фирмата која ќе го добие има обрска да обезбеди вработени за транспорт, возила, а сето тоа е вкалкулирано во цената. Истата фирма треба да подари 100 нови апарати, а апаратите што ги имаме од последниот тендер и функционираат одлично треба да се исфрлат. Малите портпабл апарати за итни случаи кои ги најавува министерството не можат во целост да ги задоволат потребите бидејќи тие се со ограничен број на анализи. Пациентите ќе шетаат по ходниците и нема да знаат каде треба да одат “, потенцираат нашите соговорници кои наскоро ќе ги изнесат своите ставови пред министерот Филипче.
За нив е нејасно и дали централните лаборатории ќе можат да ги задоволат потребите со персонал, ќе има ли префрлања од една лабораторија во друга или отпуштања од работа.
Од Министерството за здравство смируваат дека целта на овој тендер е поголема заштеда и подобри услови за пациентите, а вработените ќе си останат таму каде што се.
„ Целта е заштеда од неколку милиони евра и подобри услови за пациентите. Доколку не постигнеме заштеда тендерот ќе биде поништен. Пракса во развиентите земји е централзирање на лабораториите за пациентите да не мора да патуваат за анализи кои не се вршат во нивното место на живеење.
Персоналот ќе си остане исто како што е во моментот, нема да има прераспределба на кадар бидејќи апаратите кои што ги бараме се целосно автоматизирани и со голем број на анализи. Вработените во централните лаборатории ќе можат да одговорат на потребите бидејќи распоредот на овие лаборатории е направен во сооднос со големината на апаратите и нивната брзина.“, велат за НОВА од Министерството за здравство.
Во одговорот до НОВА, од Министерството за здравство објаснуваат дека итни анализи се предвидени секаде каде што има хирургија и за таму ќе има анализатори со мал капацитет.
„Специфичните анализи е предвидено да се работат одделно во централната лабораторија. Попладне и во ноќните часови ќе се прават анализи само за итни случаи. Заштедата ќе се направи во потрошувачката и централизирањето на лабораториите бидејќи во моментот има анализатори од 400 или 800 анализи на час, во места каде што не се прават ниту 50 анализи на ден“, потенцираат од кабинетот на министерот Филипче.
Од таму велат дека истражувањето покажало дека се фрлаат реагенси поради нивната неискористеност.
Што се однесува до транспотот на крвта во зимски и вонредни услови од таму велат дека тоа е должност и обврска на транспортерот за крв заради што се побарани високи гаранции со договорот.
„Протоколот за транспорт е според досегашните протоколи бидејќи сите приватни лаборатории вршат транспорт на биолошки материјали. Во тендерската документација јасно е напишано дека економскиот оператор е должен во цената да има вклучено и транспорт на крв“, велат од Министерството за здравство.
Ова е најголем тендер на реагенси досега и не смее да се дели на повеќе добавувачи, односно ќе го добие фирма која што може да понуди се што се бара одеднаш. Тоа отвара други дилеми и сомнежи кај фирмите кои се занимаваат со набавка на реагенси и познавачите на оваа проблематика во државата.
Од: Менче Атанасова Точи, June 2, 2018-1:30 pm