Минимална загарантирана плата за сите лекари во македонското здравство. Тоа ќе биде регулирано со Законот за докторска дејност кој е во подготовка и ќе се однесува и за јавните и за приватните здравствени установи.
Од Лекарската Комора овој период прават консултации со финасиски експерти за утврдување на висината на минималниот доход. Под тој износ не смее да биде платата на ниту еден лекар. На тој начин ќе ги спречат злоупотребите кои според Комората ги има во приватниот сектор каде има доктори што не добиваат соодветна плата.
-Со донесување на законот и утврдување на минималната плата, тоа треба да го почитува секој газда било на ординација било на болница и под тој износ не смее да биде платата. За висината над тоа не не интересира, вели Ленче Нелоска потпретседател на ЛКМ.
Со Законот за докторска дејност лекарите ќе добијат можност да одбијат лекување на пациент. Доколку болниот не соработува, се пазари за терапијата, бира какви лекови сака и не ги слуша советите на специјалистот, тој ќе има право да одбие да го третира и да го упати кај друг колега.
-Досега лекарите од секундарно и терциерно ниво немаа можност да одбијат лекување на пациент. Но тоа ќе им биде овозможено со законското решение и тоа се во насока за добра комуникација меѓу лекар и пациент, вели Нелоска.
Во меѓувреме во тек е потпишување на Повелбата за заштита на достоинстово и угледот на лекарите. Ја донесоа ЛКМ, МЗ и МЛД по вооружениот напад на хиругот од Дигестивна хирургија.
21.11.2015 год.
Извор: Здравство.мк