Министерството за здравство на Република Македонија, Лекарската Комора на Македонија и Македонското Лекарско Друштво, водени од идеата за заштита и унапредување на докторската дејност, интегритетот и дигнитетот на докторот како личност и професионалец, а преку тоа и обезбедување на квалитетна здравствена заштита на задоволство и на докторите и на пациентите, на ден 12 ноември 2015 година, во Скопје, заеднички ја издаваме оваа
П О В Е Л Б А
Ние, потписниците на оваа повелба, како и оние кои кон неа ќе пристапат, јавно се обврзуваме, секој во своите ингеренции, дека ќе работиме на заштита и унапредување на докторската професија преку донесување на Закон за докторската дејност, кој особено ќе опфати:
- независно и професионално вршење на докторската дејност,
- чување и унапредување на слободата и угледот на докторското звање,
- постојано одржување и унапредување на квалитетот на докторските услуги во интерес на заштита на здравјето на поединецот, семејството и населението воопшто, како и општествената благосостојба на населението,
- одржување и унапредување на довербата помеѓу докторот и пациентот, како и членовите на неговото семејство,во вршењето на докторската дејност,
- взаемно почитување на правата на пациентите и правата на докторите,
- правото на докторот да се повика на совеста поради сопствени етички, верски и морални обврски да одбие спроведување на дијагностика, лекување и рехабилитација на пациенти, ако тоа не е во спротивност со правилата на струката и ако со тоа не се причинуваат трајни последици за здравјето или не се загрозува животот на пациентот,
- обврската на докторот да чува како докторска тајна се што ќе дознае за пациентот кој му се обратил за докторска помош, а е во врска со неговата здравствена состојба, освен ако со посебен закон не е поинаку уредено,
- право на докторот да биде почитуван од другите доктори, здравствени работници и соработници, почитувајќи ја честа, достоинството и угледот на другиот доктор, здравствен работник и соработник, како и взаемно почитувајќи ги нивната стручност, интегритет и достоинство,
- право и обврска на стручно усовршување на докторот,
- вреднувањето на работата на докторот преку колективен договор,
- право на докторот и членовите на неговото потесно семејство на заштита ако кон него непосредно се упатени закани, напади и слични постапки во врска со давањето на здравствени услуги,
- докторот кога врши здравствена дејност и дава здравствени услуги да се смета како службено лице кое врши службена должност врз основа на овластување дадено со овој закон,
- општа обврска за физичкиот и психичкиот интегритет, личноста и достоинството на докторот да се почитуваат,
- напад врз доктор при вршење на здравствена дејност и давање на здравствени услуги како службена должност или во врска со здравствената дејност да се сметаат како напад врз службено лице при вршење на службена должност,
- право на докторот на правичен однос кој се заснова на почит и учтивост од страна на пациентите,
- право на докторот да го предупреди пациентот доколку се однесува несоодветно, како и да побара заштита на соодветен начин,
- право на утврдување на постоење на докторска грешка исклучиво преку соодветни постапки од страна на надлежни органи.
Министерство за здравство Министер |
Лекарска Комора на Македонија Претседател |
Македонско Лекарско Друштво Претседател |
________________ | ________________ | ________________ |
Никола Тодоров | Проф. Др. Кочо Чакаларовски | Др. Горан Димитров |