Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, со декларација се обрати до надлежните и до јавноста, за да алармира дека се принудени да ја напуштат државата, бидејќи со соочуваат со егзистенцијални проблеми. Затоа во последните неколку години од Македонија си заминале над 500 млади лекари, а одливот на кадар во странство сe повеќе се зголемува.
ДЕКЛАРАЦИЈА НА МЛАДИ ЛЕКАРИ НА МАКЕДОНИЈА
Почитувани, Ова наше обраќање ќе го започнеме со Свечената Професионална Заклетва, која како текст е прифатена и се практикува во повеќето напредни Европски држави, а во соодветно адаптирана варијанта за нашата земја, и ние, младите лекари од Македонија, ја прифативме и дадовме: “ Ние, младите лекари од Македонија, со цела своја чест и професионален углед, јавно ветуваме дека ќе дадеме сѐ од себе и своите способности со цел да служиме на нашата хумана професија – грижа за болните, промоција на добро здравје, намалување на болката и страдањата на нашиот народ. Ние, младите лекари, сме апсолутно свесни дека практицирањето медицина е привилегија со која неспорно доаѓаат огромни одговорности, затоа даваме чесен збор дека никогаш нема да ја злоупотребиме својата позиција. Ветуваме дека ќе ја работиме својата благородна работа со интегритет, понизност кон страдањата на нашите пациенти, и сочувство – непречено соработувајќи со сите свои колеги сѐ со цел излегување во пресрет на потребите на пациентите Ние, младите лекари, ветуваме дека никогаш и под ниедни услови нема да администрираме ништо што е на штета на пациентите. Ние, младите лекари од Македонија, иднината на Македонското здравство, се обврзуваме и ветуваме дека својата професија ќе ја обавуваме со максимален интегритет и еднаков третман на пациентите, и нема да дозволиме врз професионалните одлуки да влијае полот, расата, религијата, националноста, политичките убедувања, сексуалната ориентација или социјалниот статус на пациентот. Ние, младите лекари, се обврзуваме дека ќе се спротивставиме на било каква политика која ги крши или наштетува на препознаените човечки права, и во никој случај нема да учествуваме во такви. Се стремиме и ќе се стремиме да ги менуваме сите закони кои се во спротивност со нашата професионална етика и ќе направиме сѐ што можеме во насока на унапредување на здравјето на Македонскиот граѓанин. Ветуваме дека ќе помогнеме и асистираме на пациентите да донесат одлуки за своето здравје темелени на целосна информираност од медицински аспект во корелација со личните вредности и убедувања на пациентите, во целосна дискреција и доверливост. Ние, младите лекари од Македонија, ветуваме дека ќе ги препознаеме границите на своите професионални знаења и вештини, и до крајот на животот ќе работиме на унапредување на истите. Се обврзуваме дека ќе ги препознаеме прифатливите професионални грешки и ќе направиме сѐ во наша моќ истите да ги исправиме, од една страна, и дека искрено ќе пристапиме кон грешките на другите колеги лекари, исклучиво во интерес на здравјето и благосостојбата на нашите пациенти. Ние, младите лекари, ќе направиме сѐ што можеме во насока на унапредување на медицинската знаење, преку континуирана едукација и истражување. Овие завети ги даваме под полна морална и правна слобода, и за нив одговараме со својата професионална и лична одговорност.” Но… За да бидеме во можност непречено да ја вршиме својата професионална должност и обврска кон нашите пациенти, кон нашите сограѓани, во оваа прилика се обраќаме до сите надлежни институции, како и јавно до оние за кои постоиме, нашите пациенти, со цел да Ве информираме за состојбата во која се наоѓаме, а за која веруваме дека е дотолку неприфатлива за Вас, колку што е неприфатлива и за нас и нѐ тера да заминуваме од Македонија, од нашите домови, да ги напуштаме нашите семејства и пријатели, да ги оставиме нашите сограѓани на милост и немилост на иднината! Почитувани, ќе се обидеме на најконцизен начин да Ви ги прикажеме секојдневните проблеми на нашето живеење и да Ви ја прикажеме ситуацијата во која се наоѓаме како млади медицински професионалци, длабоко понижени од системот и државата која од 1991 година па наваму направи многу малку или воопшто во насока да го подобри нашиот статус како млади лекари. Почитувани, се соочуваме со следните егзистенцијални проблеми, поради кои, само во изминатите неколку години Македонија ја напуштија преку 500 млади лекари, а трендовите говорат за експоненцијално зголемување на овие бројки од година во година.
МЛАДИ ЛЕКАРИ КОИ РАБОТАТ ВО ПРИМАРНО ЗДРАВСТВО:
Реална просечна плата на млад матичен лекар во Македонија е 18.000 денари, многу често и помалку! Од овие причини, интересот на младите лекари за работа во примарното здравство е минимален, Македонија се соочува со сериозен дефицит на нови матични лекари, во одредени средини воопшто и нема, а просечната старосна возраст на матичните лекари е над 55 години! За првпат од постоењето на ФЗО е воведена стимулативна пресметка на капитација за нови млади матични лекари, но сумата е поразителна, 40.000 денари месечно севкупно за режиски трошоци и бруто плати за тим од лекар и медицинска сестра, што практично значи потврда на тоа колку вредиме пред очите на надлежните, во најдобар случај помалку 15.000 денари бруто плата за лекар и 10.000 за медицинска сестра. Примарното здравство, т.е. системот на капитација, како дизајн од 1998 година, нѐ стави во позиција во која, за жал, додека во некои ординации еден лекар ординира на 20003000 пациенти и заработува големи суми младите лекари со години не можат да дојдат до доволен број на пациенти со кој би се овозможило да заработат минимална плата. Удар за младите лекари од Македонија нанесе и донесувањето на одлуката за пролонгирано пензионирање на семејните лекари (до 67 години), заради што потенцијалните нови работни места за млади лекари во примарно здравство речиси се оневозможија во наредните години, што како краен резултат ќе придонесе за привидно амортизирање на дефицитот во примарното здравство, но на долги рокови ќе го зголеми бројот на млади лекари кои својата иднина ќе ја бараат во странство. Обврската за континуирана медицинска едукација (КМЕ), законска и етичка, е на директен финансиски товар на лекарите, плаќаме задолжителна членарина во Лекарската Комора (ЛКМ), плаќаме годишна сума за КМЕ кон ЛКМ, ја плаќаме секоја работилница, семинар, конгрес, обука и сл. а во меѓувреме сме платени и вреднувани под секој можен стандард.
МЛАДИ ЛЕКАРИ – СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ:
Македонија е преседан во светски рамка, меѓу неколкуте земји во светот, во која во моментов, во Клинички Центар Мајка Тереза, активно работат и се едуцираат преку 400 млади лекари – специјализанти на т.н. приватна специјализација, кои за истата плаќаат 800012.000 евра, а во меѓувреме за својот ангажман и работни обврски еднакви со оние на вработените колеги не добиваат ни денар плата, а немаат ниту здравствено, ниту социјалнопензиско осигурување! Колегите вработени во државните здравствени институции за да воопшто можат да специјализирааат, без право на избор се обврзуваат со задолжително потпишување на меница да платат казнен износ во вредност 10 пати поголем од сумата на чинење на специјализацијата suma sumarum 120.000 евра, доколку наредните 1520 години од било која причина ја напуштат установата или ја прекинат специјализацијата, дури и поради виша сила! Специјализантите се обврзани на задолжителни 24 часовни дежурства еднаш неделно, без притоа за тоа да добијат било каков надомест, ниту храна… Само неколку ЈЗУ Клиники имаат обезбедено соодветна просторија, гардероба и тоалет за младите лекари специјализанти, приморани сме да ги користиме тоалетите за пациенти, под секое ниво на достоинство мораме да се пресоблекуваме по ходници и подруми, а нашата работна униформа секојдневно да ја носиме со себе, бидејќи немаме елементарни услови! Со последните измени на Законот за здравствена заштита, специјализациите се обременија со огромни дополнителни обврски за идните специјализанти, а безмалку ништо во насока на подигнување на стандардот на младите лекари. Воведувањето на задолжителна обука во странство после положувањето на специјалистичкиот испит(на наш трошок!), како услов за добивање на лиценца за работа како специјалист, не прави веројатно единствената земја во светот која не ги признава сопствените универзитети!. Новите измени во Законот за здравствена заштитa, со кои Министерството за здравство ги дефинира листата на стручна литература, деталните критериуми за начинот на полагање и положување на колоквиумите и испитите, како и воведувањето на дополнителен интермедиерен испит претставуваат директно нарушување на академската слобода и мешање во автономијата на Медицинските факултети и ЛКМ. Воведувањето на задолжително снимање и емитување во живо за време на полагањето колоквиуми и испити е деградирачки и го нарушува дигнитетот и приватноста на личноста на специјализантот. Почитувани, ова е само дел од причините заради кои нашата земја се соочува со проблемот на сѐ поголем број на млади лекари кои си одат од РМ. Ве уверуваме, нашата борба како млади професионалци, не е мотивирана од желба за големи износи на лични примања и наше богатење, напротив, се бориме и ќе направиме сѐ да го добиеме она кое го заслужуваме, да работиме во средина и услови, без притисок на елементарни егзистенцијални прашања, како на пример: како да се обезбеди храна, како да се платат режиски трошоци, како да се основа семејство? Бараме итно решавање на најгорките прашања, бараме решение на нашите проблеми за да не мораме да заминеме од овде, зошто во ситуацијата во која се наоѓаме и функционираме, секој еден млад лекар кој останал во Македонија е најголем патриот и тоа го прави на своја, како и на директна штета на своите најблиски. Свесни сме дека медицинската миграција е глобален феномен, но бараме од надлежните итно да бидат разгледани нашите барања и конкретни предлози со цел амортизација на ситуацијата и пакет мерки кои ќе спречат понатамошно одлевање на лекари од Македонија. Не бараме ништо повеќе од она што е социјален минимум, не бараме неразумно високи плати, бараме БИЛО КАКВА плата, бараме извор на егзистенција во оние години во кои тоа ни е најпотребно, во годините во кои професионално и посветено целосно се вложуваме за нашите пациенти и нивното здравје! Нашите барања се следни, чесни и мотивирани од егзистенционални бремиња:
По однос на примарното здравство и нашето место во него:
1. Дефинирање и гарантирање на ДОСТОИНСТВЕНА минимална плата за младите матични лекари ангажирани во примарното здравство, преку редефинирање на системот на капитација, во насока на обезбедување фер услови за младите лекари да основаат и отворат своја ординација, односно да бидат чесно и соодветно платени кога работат во колектив на некоја ординација 2. Фер и достоинствено финансиско субвенционирање за млади лекари кои сакаат да работат во примарно здравство, дали преку отворање на своја ординација или како нов тим во постоечка, со што ќе се обезбеди стабилен здравствен систем и стабилен главен столб на истиот. Ја поздравуваме иницијативата која е воведена, но, зарем 40.000 денари месечно е чесна и доволна сума за тим од лекар и сестра, пари со кои треба да се подмират и социјалните и здравствени придонеси, режиски трошоци, едукација итн.?
3. Намалување на административните обврски на ниво и стандард согласно Европските и Светски норми
4. Лимитирање на бројот на пациенти на кои еден доктор може да им биде матичен лекар на 1500, со што ќе се отворат голем број на работни места за млади лекари и ќе се укине монополот на општи ординации т.н. концесионери во здравствени домови, каде во многу случаи една ординација со еден тим ординира на повеќе од 23000, па и повеќе пациенти!!!
По однос на лекарите специјализанти и нашето место во здравствениот систем:
1. Итно решавање на ситуацијата со приватните специјализанти, и нивно ЧЕСНО И ФЕР ПЛАТЕНО ангажирање во здравствениот систем во кој рамноправно учествуваме, рака до рака со вработените колеги. Бараме интервенција на надлежните и итно донесување на Закон со кој сите сегашни и идни приватни специјализанти, по автоматизам со добивањето на специјализација ќе засноваат некој вид на времен работен однос за време на специјализацијата.
2. Итно намалување на цената на чинење на приватните специјализации. Без нашата волонтерска работа на 400 актуелни приватни специјализанти во моментов, терциерното здравство во РМ ќе колабира! Ние, заедно со вработените колеги специјализанти, рамо до рамо, сме тие на кои е паднат голем дел од секојдневните обврски и задачи кои овозможуваат функционирање на здравствениот систем, а за тоа освен што не сме платени, плаќаме и астрономски суми, во просек од 8.00012.000 евра!!!
3. Неприфатлива и непотребна е обврската за поврат на средства во сумаизнос од минимум 10 пати од цената на специјализација на која колегите вработени во ЈЗУ се приморани да ја прифатат со потпишување на меница, а која сума ќе им биде наплатена доколку од било која причина, дури и виша сила, ја напуштат специјализацијата или институцијата во која се вработени. Апсолутно ја поддржуваме идејата дека државата треба да ја обезбеди својата инвестиција и иднина, но сметаме дека и повеќе од доволна е договорна сума 1:1 во однос на инвестираната сума од страна на државата, а истиот принцип да се однесува и на времето кое како обврска го превземаме да останеме во јавната здравствена установа по специјализирање, онолку години колку што трае специјализацијата, принцип кој е воспоставен во цела Европа. Ние, пред сѐ, не сакаме да размислуваме да ја напуштиме Македонија!
4. Задолжителните 24 часовни дежурства кои во новиот закон се наречени “24 часовна едукација” да ни бидат платени соодветно, ни повеќе ни помалку од она што го добиваат сите колеги кои имаат вакви дежурства.
5. Организирање и обезбедување на соодветни услови за работа за младите лекари, ЕЛЕМЕНТАРНИ, како канцеларија, која е доволно да е заедничка за сите, тоалет и гардероба. Вратете ни го достоинството!
6. Ревизија на измените во Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на специјализациите, во однос на редефинирање на ингеренциите и критериумите, со цел подигање на квалитетот на едукацијата на повисок степен. Почитувани, не сакаме да ја напуштиме нашата татковина, искрено веруваме дека заслужуваме многу повеќе од она што го имаме т.е. немаме во моментот и до крај, академски, професионално и институционално ќе се бориме за тоа. Го повикуваме Премиерот на РМ и Министерот за здравство, како и сите останати надлежни, заедно да најдеме начин и модел и сите отворени прашања и проблеми да се решат преку донесување на ЗАКОН ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈСНОСТ, со инволвирање на сите засегнати страни, за да бидеме земја за пример, земја која ќе го реши проблемот со медицинската миграција, а не земја која ќе го чека денот на колапс на здравството заради дефицит на лекари и ќе треба да вложи многукратно повеќе средства за да санира штети и последици кои заедно можеме да ги превенираме! Зарем Македонија не може да обезбеди средства за најнормална плата за околу 400 млади лекари, зарем Македонија не верува на своите млади лекари и нивната лојалност и се плаши дека тие ќе заминат, па ги обврзува со огромни меници, зарем младите матични лекари во Македонија треба да земаат помалку од 300 евра плата??? Почитувани граѓани, почитувани пациенти, зарем ние, вашите млади лекари, иднината на здравствениот систем, оние во чии раце е и ќе биде вашето здравје и живот во иднината, само толку малку вредиме во вашите очи? Зарем треба сите да заминеме од Македонија, па тогаш да се преземе било што?
Скопје, 13.05.2015 год. Собрание на Асоцијација на специјализанти и млади лекари