НАЦИОНАЛНА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЕВРОПСКА УНИЈА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (НКЕУ-МК)
ВТОР ЦИКЛУС
ПРВА СЕСИЈА
23.01.20
„Перформансите на пазарот на трудот: меѓу очекувањата на работодавачите и на барателите на работа (вработените)“
ПРЕДЛОГ ПРЕПОРАКИ
1. Потребно е да се промени начинот на управување со базата на невработени лица во Агенцијата за вработување за да се овозможи на дневна основа објавување на податоците за понудата и побарувачката на работна сила и трансформација на Агенцијата во реална трудова берза заради поефикасна подршка на учесниците на пазарот на труд.
- Да се забрзаат активностите за формирање на Комисијата за спрeчување и заштита од дискриминација, а належната Собраниска комисија за избори и именувања доследно да ги применува критериумите за избор наведени во прописите со што ќе се создаде поволна правна околина за имплемeнтација на правата за работа на женската работна сила.
- Капацитетот на центрите за кариера треба постојано да се унапредува, тие треба да играат улога на брокери на ииформации за пазарот на труд, на јазик и начин близок до младите (пример, преку социјални медиуми и други онлајн платформи).
- При огласувањето на потреба од работник (во соодветните гласила) работодавачите
јасно и прецизно да го дефинираат работното место со сите информации со што ќе се оствари видливост на очекувањата на работодавачите и јасно разбирање на тие очекувања од страна на барателите на работа. - Да се предвиди во Законот за работни односи и во колективните договори обврска за задолжително усогласување на платите со растот на трошоците на живот заради одржување на куповната моќ на вработените.
- Да се засили активноста на стопанските комори, на организациите на работодавачи, синдикатите и другите граѓански организации во афирмација на ставот дека вработените носат вредност на работните места во функција на остварување на целите поставени од Меѓународната организација на труд и согласно Националната програма за достоинствеиа работа 2019-2022.
- Обуките особено оние за младите, организирани од страна на надлежните институции да бидат според потребите на работната сила за надоградување на вештините и да се надминат општите и непродуктивни обуки кои не ги зголемија перформансите на актуелниот пазар на труд.
- Да се развијат политики на стипендирање како инструмент за правилно насочување на младите во образованието кон стратешки важни области како СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика), образование со интердисциплинарен и применлив пристап. Да се изградат посилни врски помеѓу образовните институции и работодавачите посебно во креирање и унапредување на курикулумите.
- Да се направн ревизија на законската регулатива за практиканство со цел негово подобрување и имплементирање. Постои недоволен апсорпциски капацитет на компаниите што ја наметнува потребата од изградба на модел за ефикасна инклузија на практикантите во организациите.
- Да се создадат можности за работа на средношколците и студентите со одреден фонд на часови неделно, паралелно со школувањето, преку измени во законската регулатива. Со ваква мерка ќе се понуди нова работна сила на пазарот на трудот како дополнителен избор за работодавачите, а за средношколците и студентите ќе значи можност за стекнување пракса и работни навики.
- Да се засилат промотивните активности на синдикатите и на другите граѓански здруженија за да се развие свесноста кај работниците (и потенцијалните работници) дека работата не е само стекнување на работно место, туку залагање (напор) за постигнување на резултати (афирмација на продуктивна етика).
- Да се спроведе медиумска кампања за јакнење на сликата за жените како претприемнички раководители, лидери, министри и други високи позиции во општеството.
- Унапредување на состојбата на жените на пазарот на труд преку мерки за усогласување на професионалниот и приватниот живот (родителско отсуство, флексибилно породилно отсуство, работа од дома) и зголемен опфат на деца од претшколска возраст во градинки.