Нова ТВ: Казнета медицинска сестра,била дел од проект-преку крв да се утврди контакт со коронавирусот

Станува збор за меѓународен научен проект со кој се скенира состојбата на здравствените работници како најризична група и преку серолошко испитување да се утврди колку од нив биле во контакт со коронавирусот, дали развиле антитела, како дали при повторен напад од вирусот имаат развиено имунитет и да се откријат можни активни случаи 

Медицинска сестра на Клиниката за неврологија е казнета бидејќи дала крв за испитување со кое се утврдува дали била во контакт со коронавирусот и дали развила имунитет. Таа добила дисциплинска мерка со која е казнета со 20 проценти од платата во текот на два месеца бидејќи ги инцирала и им земала крв на уште  15 вработени од клиниката кои доброволно се вклучиле во научен проект со кој е предвидено да се тестираат здравствените работници за да се види дали биле во контакт со коронавирусот, ако биле дали создадале имунитет.

Медицинската сестра која сакаше да не и се спомнува името во јавност е револтирана од постапката на директорот кој ја казнил бидејќи не го известила дека ќе учествува во скринингот на Институтот за имунологија и Институтот за експериментална и клиничка биохемија при Медицинскиот факултет во Скопје.

„Јас сум во улога на испитаник и немав обврска да го известам директорот. Нема правна основа зошто да го известам и да ме казнува. Тој во случајот се постави над законот, тоа што дадовме доброволно крв за испитување не ми е во работни обврски. Од проектот немам никакви финансиски импликации бидејќи е на товар на ФЗО.

Сите ние кои сме изложени на пациенТи позитивни на Ковид сме загрижени и стравуваме бидејќи дома имаме стари родители, деца кои ги изложуваме на опасност од вирусот“, вели медицинската сестра од Клиниката за неВрологија.

Директорот д-р. Иван Барбов смета дека казната е преблага бидејќи требало да ја суспендира од работа. Тој е пак, е  револтиран бидејќи не го информирала за проектот, за кој вели дека морал да помине на етичка комисија при Медицинскиот факултет, да се склучи договор, да се пополни формулар за согласност за имуноглобулините да не се злоупотребуваат.

„Скрининг на здравствените рабтници може да се прави само со одобрение на Комисијата за заразни болести. Медицинската сестра сама им земала крв на вработените, по што требаше да се креираат упати за што треба да плати клиниката.

 

Секој проект треба да е на товар на тој што го финансира, на спонзорот. Јас се јавив во Министерството за здравство и ДСЗИ, бараа да се суспендира, но јас ја казнив со 20 проценти од плата“, изјави за НОВА, д-р. Барбов, директор на Клиниката за неврологија.

др. Иван Барбов, директор на Клиника за неврологија

Мединската сестра смета дека е неправедно казнета. Таа побарала помош од Конфедерацијата на синдикати  и најави правна разврска на случајот, а ќе се жали и до Второстепена владина комисија.

Случајот предизвика многу коментари  и вознемиреност во Клиничкиот центар. Неофицијално, што уште еден директор на скопските клиники им се заканувал на вработените дека ќе ги казни или избрка од работа, доколку се подложат на испитување со кое ќе се види дали имале контакт со вирусот.

Во каков научен проект здравствените работници носеле крв на испитување

За разлика од раководствата на некои клиники, многу други пројавиле интерес и доставиле крв за анализа од своите вработени кои се согласиле да бидат дел од овој научен проект.

Меѓу нив се Клиниките за кардиологија, гастроентерохепатологија, инфективна, пулмологија, Здравстени домови во внатрешноста, како во  Струмица, Виница, поликлиника Железничар и други, објаснуваат организаторите на овој научен проект.

Станува збор за меѓународен научен проект кој го спроведува Институтот за експериментлна и клиничка биохемија при Медицинскиот факултет финансиран од Агенцијата на франкофонски универзитети чиј потписник е УКИМ.

Од 1880 земји апликанти, Македонија е меѓу 80 те кои го добија овој проект и тоа со сума од 10 000 евра, објаснува проф. д-р. Катерина Тошеска Трајковска, специјалист по клиничка биехемија и раководител на Институтот за експериментална и клиничка биохемија.

„Проектот е замислен, да се скенира состојбата на здравствените работници како најризична група и преку серолошко испитување да се утврди колку од нив биле во контакт со коронавирусот, дали развиле антитела, дали при повторен напад од вирусот имаат развиено имунитет и да се откријат можни активни случаи.

Доколку има такви кои имале допир со вирусот тие можат да бидат и потенцијални кандидати за дарување на крвна плазма. Испитувањето е на доброволна основа. “, изјави за НОВА, проф. д-р Тошеска Трајковска.

проф. др. Катерина Тошеска ТраЈковска, раководител на Институтот за ексПериментална  и клиничка биохемија

Таа вели дека сакале да се направи поголем скрининг поради што Медицинскиот факултет склучил договор со ФЗО кој ќе ја плаќа услугата, а вработените во здравството можат со упат од клиника или од матичен лекар да донесат крв на испитување.

Ова значи дека ниту една здравствена установа не ги плаќа услугите за извршените испитувања, дециден е директорот на Институтот за имунологија проф.д-р Александар Петличковски.

“Ниту еден денар од тие 10 000 евра нема да оди за плата на вработените. Се ќе се употреби за тестовите.

Пред три недели е поднесен проектот до етичката комисија на Медицинскиот факултет и не го плаќа тестирањето ниту една клиника, туку е на товар на Фондот за здравствено осигурување. Медицински факултет има склучено договр со ФЗО , за таа цел“, изјави за НОВА, проф. д-р. Петличковски.

проф. др. Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија

Проектот зад кој стои Медицинскиот факултет бил одобрен на 22 мај кога им се јавиле од регионалната канцеларија во Романија, по што биле повикувани здравствените работници да дадат крв за испитување. Нашите соговорници велат дека ниту едно евро нема да оди за истражувачите, туку се е наменето за медицински цели.

Професорката Тошеска вели дека се работи за софистициран метод на испитување, а во валидација на тестовите се вклучени и специјализанти и студенти. Се работи со кинески тестови, за кои вели дека се сигурни и квалитетни.

„Наместо да биде гордост, овој проект кој е од корист на сите здравствени работници, некои го доживеаја како закана. Задоволство е да работите наука со истите методи како професорите Џузепе Лупи или Мари Плебани, методи кои се користат и во болниците во Падова и Торино, со што беше опфатен целиот регион на Венето“, вели проф. д-р.Тошеска Трајковска.

Таа вели дека не очекувала вакви реакции од поедини менаџери и откако го надминале проблемот со упатите со Министерството за здравство и ФЗО, вели дека останува проблемот со некои директори на јавни здравствени установи.

Дали медицинската сестра од Клиниката за неврологија требало да го извести директорот како одговорен, по хиерархија, останува да одлучат правниите служби.

Но, стручната јавност прашува дали менаџерите го сфаќаат значењето на серологијата како дијагностика и тоа во време на криза од коронавирусот или пак, можеби стравуваат дека многу од здравствените работници ќе излезат позитивни на Ковид-19.

Извор: Нова ТВ