Медицинската сестра од Клиниката за неврологија била повикана на средба со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, откако претходно за случајот се информирал од медиумите.
Таа е казнета затоа што учествувала како испитаник во научен проект за скрининг на здравствени работници за Ковид-19, а за тоа не го известила директорот на Клиниката
Француската Амбасада се заинтересира за случајот со медицинската сестра од Клиниката за неврологија која беше казнета затоа што учествувала како испитаник во проект за скрининг на здравствени работници за Ковид-19, а за тоа не го известила директорот на Клиниката. Медицинската сестра вчера била повикана на средба со амбасадорот Кристијан Тимоние, откако претходно за случајот се информирал од медиумите.
Од Амбасадата за НОВА, потврдија дека била остварена средба и дека амбасадарот Тимоние детално ќе се информира за настанатата ситуација.
„Амбасадарот потврдува дека, откако се информираше преку медиумите, на негово барање оствари средба со медицинската сестра од Клиниката за неврологија за изворно да се запознае со нејзиниот проблем.
По разговорот со медицинската сестра, амбасадарот констатира дека таа навистина се соочила со проблеми поврзани со нејзиното учество во наведениот проект“, потврдија за НОВА од Амбасадата на Франција.
Амбасадорот Тимоние ќе оствари средба со проф. д-р Никола Јанкуловски по неговиот реизбор за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
За време на средбата ќе се разговара пред сè за можностите за соработка помеѓу Франција и Северна Македонија во областа на образованието, а помеѓу другото и за тоа како се реализира горенаведениот проект и за случајот со медицинската сестра.
Со поддршка од Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, Универзитетската агенција за Франкофонија, на 22 мај 2020 е прифатен проектот на Медицинскиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј од Скопје и неговиот Институт за биохемија во рамките на меѓународниот повик за универзитетски иницијативи за борба против пандемијата КОВИД-19.
„Проектот овозможува да се реализираат значителен број серолошки тестови кај здравствените работници“, потенцираат од Француската амбасада.
НОВА, ја контактираше и медицинската сестра од Клиниката за неврологија која беше казнета со 20 посто од плата, два месеца, бидејќи дала крв за испитување со кое се утврдува дали била во контакт со коронавирусот и дали развила имунитет.
Таа добила дисциплинска мерка бидејќи за тоа не го известила директорот, а иницирала и им земала крв на уште 15 вработени од Клиниката кои доброволно се вклучиле во научениот проект со кој е предвидено да се тестираат здравствените работници за да се види дали биле во контакт со коронавирусот и ако биле дали создадале имунитет.
„Многу се изненадив кога ме повикаа, особено поради фактот што до некого допрел мојот глас. Досега никој од надлежните не реагираше“, изјави медицинската сестра, која поради одредени причини не сака да се каже нејзиниот идентитет.
Претходно, реагираше и Синдикатот на Клиничкиот центар, од каде сметаат дека медицинската сестра не треба да биде казнета поради учеството во Меѓународниот научен проект бидејќи Проектот е од јавен карактер и е поминат на Етичката комисија на Медицинскиот факултет.
„Казнетата медицинска сестра во проектот учествувала доброволно, како испитаник, без никаква финансиска надокнада, ниту пак со учеството направила било каков трошок на установата каде е вработена.
Волонтерското учество подразбира дека немала никаква обврска да го извести работодавачот, односно директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија или било кој друг раководен орган на таа институција“, сметаат од ССКЦ.
Станува збор за Меѓународен научен проект „Серолошки скрининг на COVID-19 на здравствени работници од Република Северна Македонија“, кофинансиран од Агенцијата на франкофонски универзитети (УАФ), која ја сочинуваат 944 универзитети, колеџи, универзитетски мрежи и научно истражувачки центри од 116 земји, кои користат француски јазик.
Научниот проект го спроведувата Институтот за експериментална и клиничка биохемија при Медицинскиот факултет и Институтот за имунологија, а потписник е УКИМ.
Од 1880 земји апликанти, РС Македонија е меѓу 80 те кои го добија овој проект и тоа со сума од 10. 000 евра, наменета исклучиво за тестови.
Извор: Нова ТВ