Слободен печат: Од НАкС наведуваат дека не добиле поддршка ниту од УКИМ

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека му понудил на ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, Никола Јанкуловски да му бидат ставени на располагање резултатите од нивното истражување за подигнување на квалитетот на високото образование и за подобрување на социо-економскиот статус на вработените на УКИМ, но тој не ја прифатил понудената соработка. Од НАкС наведуваат дека не добиле поддршка ниту од УКИМ.

Напротив, посочуваат од НАкС, ректорите на УКИМ и на УКЛО на 21 јануари со дописи испратени до вработените преку деканатите на единиците иницираа формирање нов синдикат, игнорирајќи го нашето постоење, но и на СОНК – синдикат што исто така делува во високото образование.

Единствениот гласноговорник на новиот синдикат во основање е сѐ уште ректорот на УКИМ, стои во соопштението.

Кулминација претставува неговото последно соопштение од 31 јануари во кое тој во име на Владата, известува дека Владата одлучила да пристапи кон измена на закон со цел да се реализира покачувањето на платите од 10 отсто и дека тоа било всушност првобитниот став на ректорите. Со последното тој всушност, ги демантира своите претходни тврдења дека не постои друг начин да се релизира ветувањето за покачување на платите – клучниот аргумент за основање нов синдикат. А, што се однесува до новите синдикални организации тврди дека било договорено тие да продолжат со своите активности, истакнуваат од НАкС.

Според НАкС, апсурдно е ректорот на УКИМ, Јанкуловски да се повикува на слободата на синдикалното здружување, и притоа, отворено да застане зад еден префериран синдикат, а јавно и отворено да дискредитира друг, заборавајќи притоа дека поголем дел од членовите на НАкС се вработени на УКИМ.

Целиот текст прочитајте го тука

Извор: Слободен печат  03/02/2020 – 11:15