Целата постапка што се работи веќе една година, за јавно – приватно партнерство во
службите за итна медицинска помош и изработка на Визибилити студија, е само купување
на време бидејќи пред се Министерството за здравство нема ниту идеја, ниту знаење да
реформира и спроведе сосема друг систем на работа во службите за итна медицинска
помош, вели Претседателот на синдикатот на службите за итна медицинска помош, при
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, д-р Ангел Панев.
Панев истакна дека Министерството ниту располага со стручни лица, ниту има желба и
капацитет да го спроведе ова. Министерството за здравство според законот за здравствена
заштита, должно е да организира мрежа на итна медицинска помош, за тоа колку ќе има
вработени, колку екипи и каде ќе бидат распоредени.
„Начинот на барање на излез преку јавното – приватно партнерство е само да се избега од
одговорноста и неспособноста да се реши проблемот со итната медицинска помош, зошто
таа не е само купување на што е можно поевтини возила и вработување на доктори, туку
итната медицинска помош е еден организиран систем кој чин скапо, а не носи никаков
профит. Профитот на ИМП се гледа во тоа да има помалку работа, да се спасат што е
можно повеќе човечки животи и да го намали инвалидитетот“, вели Панев.
Според него ниеден систем не може да овозможи итната медицинска помош да биде
економски оправдана. Доколку се гледа од аспект на економски параметри, таа е
неоправдана бидејќи се работи за човечки животи и не може да се прават никакви
економски математики, туку едноставно итната медицнска помош или функционира како
што треба, или не функционира, како што е случајот во нашата држава.
Панев ни објасни што е тоа Визибилити студија, велејќи дека се ангажираат експерти кои
работат на анализа за тоа колку чини една итна медицинска помош на ниво на држава или
град; колку возилаа требаат; колку доктори треба да се ангажираат; колку тоа ќе чини и
каква ќе биде органзираноста на ИМП. Анализата покажува и дали има економска
оправданост или треба да се оди на јавно – приватно партнерство.
Тој наведе дека и тие што се одговорни за јавното – приватно партнерство, не знаат да
кажат што тоа би значело за службите на итната медицинска помош. Тоа не значи дека
целата служба треба да се даде во „приватни раце“, туку јавното – приватно партнерство е
само дополнување тој систем каде што е потребно да се ангажираат повеќе доктори, да се
купи опрема… Тоа е начин на поддршка на постоечката мрежа на јавната институција, во
овој случај службите за итна медицинска помош.
Панев вели дека приватна итна медицинска помош, како што тие ја замислуваат, нема
никаде во нашиот регион каде што имаме слични здравствени системи, туку државата го
организира системот на службите за ИМП.
Тој додаде дека поради тоа во развиените земји се трошат огромни суми на пари на
опрема, на персонал, на техника и на медикаменти бидејќи итната медицинска помош
сама по себе е скапа, но не може да се гледа од комрцијален аспект. Тој посочи дека и на
Германиците не им се исплати да имаат десетици хеликоптери за итната медицинска
помош кои функционираат низ целата држава, но доволно е да со хеликоптер спасат еден
живот и да имаат економска оправданост со тоа што спасиле еден човечки живот.
Извор: Работник ׀ www.rabotnik.com.mk ׀ 03.08.2019