По оставките во „Жан Митрев“: Крахира ли проектот за јавно приватно партнерство во здравството?

Се растура ли концептот за Јавно приватно пратнерство во здравството? По оставките во Клиниката Жан Митрев, на површина испливуваат сите проблеми во моделот што помпезно беше најавуван од страна на здравствените власти. Наспроти ова засегнатите страни тврдат дека работата ќе продолжи.

Моделот за детска кардиохирургија тече без никаков застој, тврдат од болницата на Жан Митрев. Преку писмено соопштение се пофалија дека пред неколку денови успешно била изведена една од најтешките операции на срце кај новороденче, а дека се подготвуваат операции на уште 20тина деца во наредните неколку недели.

Клиниката „Жан Митрев“ пред дваесетина години го потпиша првиот договор со Фондот за здравствено осигурување за кардиоваскуларна хирургија. Оттогаш во континуитет се изведуваат сите видови на кардиоваскуларни операции. Досега се третирани над 1000 вродени срцеви маани како кај возрасни, така и кај деца и бебиња.“ – велат од Клиничка Болница Жан Митрев.

Од болницата не кажуваат ништо за отказот на докторот Владимир Чадиковски, кој од државната клиника за детска кардиохирургија пред неполна година дојде да работи кај Жан Митрев, како дел од проектот за ЈПП. Денеска не одоговорија ниту на нашите прашања кој тим ја правел операцијата кај бебето и дали во тимот имало лиценциран детски кардиохирург?

Од лекарската комора велат дека при секоја операција тимот мора да има соодветен специјалист, а доколку не е тоа испочитувано тогаш мора да реагира здравствениот инспекторат. Според евиденцијата на комората единствен лиценциран детски кардиохирург е Чадиковски.

Министерството за здравство пак кое помпезно го најавуваше јавното приватно партнерство во детската кардиохиругија не е загрижено што Чадиковски и целиот тим кој со него се префрли од државната клиника си заминуваат од кај Жан Митрев. Министерот Филипче тврди дека операциите ќе продолжат да се изведуваат на сметка на Фондот како и досега.

Кардиохируршките операции кои се извршуваат во приватната болница ќе продолжат да се извршуваат на товар на Фондот, како и досега. Болницата има склучено годишен договор за операции на деца до една година и овој концепт нема да се наруши.“ – велат од Министерство за здравство.

Филипче за МИА вели дека вчера телефонски разговарал со д-р Чадиковски и дека рабоатат ќе биде појасна откако ќе се сретне со него и со останатите од тимот. Чадиковски пак досега не ги објасни причините за неговото заминување од болницата. Неофицијално отказот го поднел поради неисполнување на договорените обврски од страна на болницата и министерството за здраство како и импровизациите во работењето. Официјална изјава Чадиковски најави откако ќе реши каде тој и неговиот тим ќе продолжат да работат во иднина. Според неофицијални информации на тв 24 тој веќе преговара со друга приватна болница.

Пред шест месеци на прес конференција министерот Филипче, директорот на Фондот, Ден Дончев, докторот Жан Митрев и д-р Чадиковски тврдеа дека почетокот на проектот функционира одлично и дава позитивни резултати за пациентите. Одлуката за префрлување на тимот од државната во приватната болница на Митрев беше донесена по брза постапка без јавни дебати и студии, што уште тогаш наиде на критики кај дел од стручната јавност и преудпредувања дека со концептот на ЈПП ќе се уништи државното здравство.

Извор: Телевизија 24