Самостојниот синдикат на Клинички центри по повод вооружениот напад на доктор од Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, кој се случи на 09.11.2015 година го дава следното Соопштение:
Самостојниот синдикат на Клинички центри најостро го осудува нападот и констатира дека нападите на докторите и останатиот медицински персонал се зачестени и во континуитет во Република Македонија, но ваков инцидент сличен на дејствие од акционен филм е незапаметен во здравствената практика во Република Македонија.
Самостојниот синдикат смета дека тоа е резултат на долгорочните политики во здравството кои доведоа до омаловажување и деградирање на докторите и останатиот медицински персонал. Политика во која наводно во прв план е пациентот, опремата и едукацијата на докторите и останатиот медицински персонал, со истовремено комплетно деградирање на достоинството на докторите и останатиот здравствен персонал. Невидената хајка против најистакнатите до најмладите доктори како недоволно едуцирани, неодговорни и непријателски настроени кон пациентите се директно вперување прст кон нив, како главни виновници за несаканиот исход во лекувањето на пациентот.
- Самостојниот синдикат на Клинички центри бара итно донесување на Закон за докторска дејност, Закон за сестринска и акушерска дејност, а од надлежните институции воспоставување систем за заштита на достоинството и угледот на докторите и останатите здравствени работници.
- Самостојниот синдикат на Клинички центри ги повикува своите членови од другите ЈЗУ во Република Македонија да дадат подршка на своите колеги од Универзитетските Клинички центри.
- Самостојниот синдикат бара од Директорите под итно да воспостават 24 часовно професионално обезбедување на сите ЈЗУ во Република Македонија.
- Директорите на ЈЗУ да се однесуваат со должна почит кон лекарите и останатиот персонал и да не ги надминуват ингеренциите на функцијата.
- Изготвување нова законска регулатива која се однесува на здравствените работници при чие креирање неизоставно, активно, како рамноправни партнери ќе учествуваат Самостојниот синдикат на Клинички центри и Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Р. Македонија.
Самостојниот синдикат на Клинички центри го повикува своето членство, јавно, во кругот на Клинички центар да изрази солидарност кон д-р Љубомир Огњеновиќ и да го искаже својот револт кон несаканиот настан и кон понижувачкиот статус на докторите и другиот здравствен персонал со собирање на членовите на хелиодромот, во термин кој дополнително ќе се договори.
Скопје, 10.11.2015 година
Самостоен синдикат на Клинички центри
Претседател
______________________
д-р Горан Беговиќ