Синдикатот на клиничкиот центар и денеска протестираше покрај наплатната каса на паркингот на клиниката
Дали сме привилигирани што го чуваме социјалниот мир во државата? Ова беше едно од главните прашања што лекарите кои протестираа му го поставија на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, по одлуката дека цените на паркинзите на лекарите во клиничкиот центар ќе се зголемат од 300 до 850 денасри месечно.
Лекарите го продолжија протестот поради покачените цени и најавија дека доколку и денес не се промени одлуката на градоначалникот Шилегов, мирниот протест ќе мора да преземе поголеми мерки, така што целосно ќе го блокираат паркингот.
„Привилегираните“ како што и самите лекари се нарекоа откако градоначалникот на Скопје им даде таков епитет, кажаа дека насекаде низ светот е така и дека лекарите имаат свое сопствено паркинг место, бидејќи лекарите го посветуваат животот на науката. Тие кажаа дека зборот привилегија не им одговара бидејќи тие се всушност жртва на нивните пациенти.
Тие исто така изјавија дека се чувствуваат и максимално понижени и деградирани и дека градоначалникот не може да замисли колкава тежина носи нивната професија.
Болничарите, кои со години работат во клиниката кажаа дека градоначалникот на Скопје, не вложил до сега ништо во клиниката и дека тој не работел на другите проблеми односно ги пренасочувал на клиниката.
Претставниците од клиничкиот центар му испратија последна порака и кажаа дека се треба да се спроведе само за здравјето на докторите и на пациентите.
Синдикатот на клиничкиот центар најави дека доколку не се промени одлуката, протестот ќе продолжи и утре.