Синдикатот на клинички не го прифаќа најавеното покачување на платите

За Синдикатот на Клиничкиот центар не е прифатлив предлогот на Владата за зголемување на платите од 5 проценти и поради новонастанатата состојба бараат итен прием кај премиерот Заев, соопштија од ССКЦ. Тие сметаат дека предлог буџетот за 2018 година со кој платите во јавното здравство се покачуваат за 5 проценти е спротивен на понудената програма на Владата на Република Македонија.
„Преговорите кои ги водевме во изминатиот период на состаноците со Министерот за здравство,  Арбен Таравари, како и на состанокот со Премиерот Зоран Заев ги ценевме како многу позитивни и беа во правец на реализирање на програмата на Владата на Република Македонија понудена на Собранието на Република Македонија при нејзиниот избор, која ние во делот за платите на вработените во здравство во целост ја поддржавме.
Вчерашниот предлог буџет за 2018 година за покачување на платите во јавното здравство за 5 проценти е спротивен на понудената програма на Владата на Република Македонија, во делот за платите на вработените во јавното здравство и истиот за Самостојниот синдикат на Клинички центри е  неприфатлив.
Спротивно на јавно декларираната заложба на Владата на Република Македонија за задржување на докторите, медицинските сестри и останатите вработени во здравството, Синдикатот на Клинички центри смета дека предложениот буџет за 2018 година во делот за платите на вработените во јавното здравство, претставува дополнителен поттик за одлевање на докторите, медицинските сестри и останатиот персонал вработен во јавните здравствени установи во Република Македонија.
Истовремено, сакаме да истакнеме дека синдикалните претставници на оддржаниот состанок со Министерот за финансии, Драган Тевдовски за Предлог буџетот во делот за здравство ги сметаме за нелегитимни.
Нашиот Синдикат е спремен за дијалог и преговори за надминување на овој новонастанат проблем, а поради фактот дека во моментот немаме ресорен Министер, бараме итен прием кај Премиерот“, се вели во соопштението од ССКЦ.

Извор: Нова ТВ, November 3, 2017