Синдикатот на клинички реагира на покачувањето на платата за само 5 отсто

Синдикатот на клинички центри ја поддржува одлуката на Владата за покачување на вредноста на бодот за најниската плата за најнизок степен на сложеност од 13286 денари со исплата на септемвриската плата и ја прифаќа исклучиво како таква.
За Синдикатот на клинички центри е неприфатливо покачување на основната плата во здравството од 5% за 2018 година, кое доколку така е планирано од Владата би било единствено покачување на основната плата на здравствените работници во периодот од 2017 година до крајот на 2018 година.
За Синдикатот на клинички центри не се прифатливи и пресметки кои вклучуваат додатоци на плата какви што се дежурствата во толкување на остварување на програмата на Владата 2017-2020 година која се однесува исклучиво на покачување на основната плата.
,,Со покачување од 5% сегашната основна плата на доктор специјалист од терциерно здравство од 38 827 денари би изнесувала 40 767 денари, односно истата би се зголемила за 1940 денари, а за медицинска сестра со средна стручна спрема со сегашна основна плата од 18 027 денари би изнесувала 18.927 денари, односно истата би се зголемила за 900 денари. За да се оствари програмата на Владата 2017-2020 година за ‘двојно зголемување на основните плати на сите здравствени работници и платите на докторите специјалисти во терциерното здравство кои скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100000 денари, односно 1 600 евра до 2020 година’, во наредните две години основната плата на доктор специјалист од терциерно здравство би требало да се покачи за 146%, а на медицинска сестра со средна стручна спрема 91%.
Со оваа динамика и вакво ‘скалесто покачување’ останува нејасно како ќе се спроведе оваа програма на Владата која Синдикатот на клинички центри во областа на здравството во целост ја поддржува”, се вели во реакцијата на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.
Извор: Mak Fax, 23 август, 2018