Соопштение од претседателот: покачување на платите на докторите

Синдикатот на Клинички центри ги информира своите членови дека со Министерството за здравство е постигнат договор за зголемување на платите за специјалистите, субспецијалистите и наставно-научниот кадар вработени во Универзитетските Клиники за 19,2%. Покачувањето ќе се изврши на две еднакви рати од по 9,6%, со ноемвриската плата во 2014година и февруарската плата во 2015година.

Со зголемувањето од 4% со октомвриската плата, зголемувањето вкупно ќе изнесува 23,2% (кумулативно нешто повеќе од 24%).

Синдикатот на Клинички центри го изразува своето задоволство што конечно покачувањето го добиваат, оние што за него се изборија.

Со овој договор се надмина една нереална состојба да специјалистите и субспецијалистите на Универзитетските Клиники се помалку платени од своите колеги во другите Јавни здравствени установи.

Ова покачување се однесува на претходните коефициенти на докторите специјалисти, субспецијалисти и наставно-научниот кадар вработени во Универзитетските Клиники и на тој начин тие се како и претходно со највисоки плати како доктори во Р. Македонија, што е реален однос спрема работата што ја извршуваат и квалитетот кој го поседуваат.

Целото ова покачување е резултат на штрајкот на докторите од пред 2 години и понуденото покачување кое нашиот Синдикат тогаш не го прифати.

Гранковиот Синдикат за здравство го потпиша понудениот договор и неговите доктори постепено почнаа да го добиваат покачувањето за да во крајниот рок го остварат целосно.

Синдикатот на Клинички центри  увиде дека порационално решение е да се прифати понудениот договор. Во таа насока Советот на Синдикатот донесе одлука договорот да се потпише и докторите специјалисти, субспецијалисти и наставно-научен кадар да го добијат понуденото покачување. Но, во изминатиот период Министерството за здравство како да го повлече понуденото покачување за докторите од Клинички центри и практично еднострано ги прекина контактите со нашиот Синдикат.

Истовремено, се јавија и проблеми со пререгистрацијата на Синдикатот со тешкотии во функционирањето на Синдикатот.

Поради овие причини новоизбраното раководство на чело со Претседателот како главни приоритети во своето делување на Конгресот и на првата седница на новоизбраниот Совет ги поставија следните две цели: ПРЕРЕГИСТРАЦИЈА НА СИНДИКАТОТ и ПОТПИШУВАЊЕ НА ПРЕТХОДНО ПОНУДЕНИОТ ДОГОВОР ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА 19,2%. Треба да се истакне дека и претходното покачување од 4% беше договорено при преговорите за време на штрајкот.

Како резултат на соодветниот пристап и сериозната посветеност во решавањето на овие приоритети Синдикатот успеа истите да   ги оствари.

За да нема нејаснотија, укажуваме дека раководството на Синдикатот е свесно дека и со ова покачување не е остварено реалното вреднување на докторите. Истото се однесува и на моменталниот статус на останатиот здравствен и друг персонал.

Во таа насока Синдикатот на Клинички центри ќе продолжи со континуирана активност за унапредување и заштита на економските, социјалните, поединечни и колективни интереси на здравствените работници и соработници.

За полесно остварување на овие интереси и како нареден и врвен приоритет на Синдикатот на Клинички центри е здобивање РЕПРЕЗЕНТАТИВНОСТ. За таа цел бараме од Претседателите на Синдикалните подружници и сите членови максимална активност во зголемувањето на бројот на нашите членови.

Како наредни задачи Синдикатот на Клинички центри ќе ги има ПРАВИЛНОТО ВРЕДНУВАЊЕ НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ СО ВИСОКА ШКОЛА и СТАТУСОТ НА СЕСТРИТЕ СО СРЕДНА СТРУЧНА СПРЕМА, А СО РАБОТЕН СТАЖ НАД 25 ГОДИНИ.

Истовремено повторно ќе ја актуелизира понудената опција при преговорите за време на штрајкот за учество на Синдикатот на Клинички центри, заедно со Гранковиот Синдикат за здравство на Економскиот Совет на Владата на Република Македонија во  можности за изнаоѓање средства за ДОПОЛНИТЕЛНО ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТА НА ДОКТОРИТЕ.

При ова се раководиме од принципите на  реалност на можностите и истрајност во нивното остварување.

Убедени сме дека единствен исправен пат за остварување на нашите барања е непосредната и постојана комуникација со Министерството за здравство, со дијалог поткрепен на аргументи и взаемни интереси.

                                                                                        Синдикат на Клинички центри
Претседател,
д-р Горан Беговиќ