На 23.05.2018 година со почеток во 15 часот во просториите на Лекарска комора на Македонија се одржа состанок на претседателите на синдикатите во здравството во Република Македонија, д-р Горан Беговиќ и д-р Љубиша Каранфиловски со претседателката на Лекарската комора на Македонија, доц. д-р Калина Старделова Гривчева и Извршниот одбор на Лекарската комора на Македонија.
На состанокот претседателите на синдикатите во здравството на Република Македонија ги информираа членовите на ИО на Лекарската комора на Македонија за новиот Анекс на колективен договор дел за плата и надоместоци на плата, односно покачените коефициенти за дежурство и ноќен труд во јавните здравствени установи.
Членовите на ИО на ЛКМ во своите дискусии истакнаа дека е голема и неприфатлива разликата во коефициентите за дежурства на докторите на универзитетските клиники и институти во споредба со дежурствата на докторите во ЈЗУ во другите градови во Република Македонија, и побараа објаснување од претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, д-р Љубиша Каранфиловски кој нив ги застапува на што се должи таквата разлика.
Д-р Каранфиловски во своето излагање истакна дека коефициентите за дежурства на докторите на хируршките клиники кои се во склоп на зградата на хирургија се веќе стекнато право и дека претседателот на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија, д-р Горан Беговиќ не смее да го наруши тоа стекнато право, и покачувањето на коефициенти за дежурните доктори на другите универзитетски клиники и институти е извршено согласно тоа стекнато право.
При тоа, како член на Управниот одбор на Фондот и личност која ги знае финансиските средства на Фондот за здравство, д-р Каранфиловски истакна дека ова покачување на коефициентите за дежурства и ноќен труд е големо оптоварување за Фондот и дека тоа е максимум средства што во овој момент може да ги издвои Фондот за здравство за оваа намена.
Членовите на ИО на ЛКМ во своите дискусии истакнаа дека нивното барање во ниту еден случај не треба да се разбере како барање за намалување на коефициентите на дежурните доктори во универзитетските клиники и институти, туку исклучиво како барање за покачување на коефициентите за дежурните доктори во ЈЗУ во другите градови во Република Македонија и истовремено го поддржаа д-р Беговиќ да опстои во задржувањето на оствареното право.
Во однос на барањето на докторите од приватното здравство за нивно пристапување кон еден од двата синдикати во здравството, д-р Беговиќ истакна дека согласно постоечките законски прописи тоа не може да се оствари, и дека тие единствено можат да пристапат или да формираат синдикат на работодавачи.
Во својата понатамошна дискусија, како еден од приоритетите на нивниот синдикат д-р Беговиќ истакна дека во синдикатот планираат да направат работни групи кои во соработка со Ресорното Министерство, Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација точно ќе ги дефинираат сите профили на работни места, степени на образование и дипломи, кои тековниот колективен договор не ги препознава за да ниеден вработен не се чувствува дискриминиран, вклучително и докторите.
Исто така, пред присутните д-р Беговиќ истакна дека нивниот синдикат во целост ја подржува програмата на Владата на Република Македонија 2017-2020 за двојно покачување на платите на здравствените работници, односно доктор специјалист во терциерно здравство да има плата од 100000 денари (1600 евра) со дополнение во неа да бидат опфатени и планирани и другите вработени во здравството
Истовремено го повтори јавно искажаниот став на синдикатот дека за реализација на оваа програма и соодветната динамика за членовите на синдикатот не е прифатливо планираното покачување од 5% на платите за докторите и медицинските сестри во Буџетот за 2018 година и дека Советот на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија има донесено одлука дека покачувањето на платите на вработените во здравството од 15% за 2018 година е единствено прифатливо решение за синдикатот.
Членовите на ИО на ЛКМ едногласно ја подржаа одлуката на Советот на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија, и ИО на ЛКМ донесе одлука и Лекарската комора на Македонија да застане зад ова барање и во преговорите со Ресорното Министерство да го истакне покачувањето на платите на докторите во Република Македонија од 15% за 2018 година и како нивно барање.
На крајот на состанокот сите присутни истакнаа дека ваква соработка меѓу синдикатите во здравство и Лекарската комора на Македонија за прв пат се случува во Република Македонија и дека истата треба да стане вообичаена практика со цел за подобрување на дигнитетот, социјалниот статус и правата на докторите во Република Македонија.
Претседател на Самостојниот синдикат на вработените во
универзитетските клиники, центри, клинички болници и
други јавни здравствени установи во Република Македонија
д-р Горан Беговиќ др. сци.