На 17.04.2018 година со почеток во 14 часот во просториите на библиотеката на Хируршките клиники, претседателот на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (во натамошниот текст: ССКЦ, синдикат),
д-р Горан Беговиќ заедно со претседателката на здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (во натамошниот текст: ЗМСТАМ, здружение), дипл. мед. сестра Велка Лукиќ и други претставници на здружението одржаа работен состанок со медицинските сестри, техничари, акушерки, медицински лаборанти, РТГ технолози, транспортери и други профили на кој се дискутираше за актуелната состојба, објективните тековни проблеми и размислувања на вработените од овие профили, како и плановите и целите за понатамошното делување на синдикатот и здружението.
На состанокот претседателот на ССКЦ пред присутните ја презентираше актуелната состојба и одлуката на Советот на ССКЦ за потпишување на Анекс на Колективниот договор дел за плата и додатоци на плата, кој се однесува на покачување на дежурствата на докторите од интерните и дел од хируршките и анестезиолошки клиники и покачувањето на коефициентот на ноќен труд за персоналот кој својата работа ја обавува во смени.
Претседателот на ССКЦ им објасни на присутните дека со потпишаниот Анекс на Колективен договор дел за плата и додатоци на плата, коефициентот на ноќниот труд ќе се зголеми од 0,29 на 0,50, односно медицинска сестра со средно образование, која за ноќниот труд добивала надокнада од 241 денар, сега ќе добива 416 денари, а медицинска сестра со високо образование, која за ноќниот труд добивала 296 денари надокнада, сега ќе добива 512 денари надокнада за ноќниот труд.
Претседателот на ССКЦ во своето излагање истакна дека синдикатот во целост ја поддржува програмата на Владата на Република Македонија 2017-2020 година за двојно покачување на платите на здравствените работници во која синдикатот бара да бидат вклучени и здравствените соработници и останатите вработени во здравството.
Согласно програмата. планираното покачување на Владата на Република Македонија од 5% за докторите и медицинските сестри за 2018 година за синдикатот е неприфатливо и е спротивно на програмата на Владата на Република Македонија 2017-2020 година за двојно покачување на платите на здравствените работници.
Ставот и барањето на синдикатот е покачувањето на платите на вработените во ЈЗУ да изнесува 15% за 2018 година.
Истовремено, претседателот на ССКЦ, д-р Горан Беговиќ беше запознаен од присутните за нивните размислувања, проблеми и барања.
Претседателот на ССКЦ одговараше на поставените прашања и ги објаснуваше ставовите на синдикатот по тие прашања.
По исцрпената дискусија состанокот заврши.