Правото на платен годишен одмор е утврдено и гарантирано со Уставот, Законот за работните односи и со Меѓународната регулатива

Предмет: Барање за мислење за Одлуките и Уредбата на Владата на РС Македонија за забрана за користење на годишниот одмор  

Со Ваше Барање се обративте до Комисијата за прописи и правни прашања (во понатамошниот текст: Комисија) на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетски клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (во понатамошниот текст: синдикат) со барање за толкување на одредбите на Одлуките за забрана на користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор и Уредбата со законска сила на Владата на РС Македонија за користење на правото на годишен одмор од страна на вработените во јавниот сектор кои се донесени врз основа на член 28 став (8), член 58 став (1) од Законот за заштита на населението од заразни болести, член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија.  

Овие одредби се опфатени во Одлуката на Владата на РСМ за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, член 1 точка 11 објавена во „Службен весник на РСМ“ број 62 од 12.3.2020 година и во Одлуката на Владата на РСМ за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CоV-2, случаите и временскиот период на нивна примена објавена во „Службен весник на РСМ“ број 263 од 04.11.2020 година член 13 точки 4 и 5.   

Одредбата за забрана на користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор е опфатена и во Уредбата со законска сила за примена на законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба од 07.04.2020 година.

Членот 2 на Одлуката на Владата на РСМ за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, објавена во „Службен весник на РСМ“ број 62 од 12.3.2020 година во став 1 гласи „Мерките од член 1 од оваа одлука ќе се применуваат до 24 март 2020 година, освен мерката број 7, која ќе се применува 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, а во став 2 „За временскиот период од ставот 1 на овој член, задолжително се почитуваат и другите мерки, препораки и насоки усвоени од Владата на Република Северна Македонија на предлог на надлежните органи на државната управа и другите координативни и стручни тела во врска со спречување на ширењето Коронавирус COVID-19“.

Членот 2 од Уредбата со законска сила за примена на законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба од 07.04.2020 година во став 3 гласи „ По исклучок, за вработените во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за здравство, јавните здравствени установи во Република Северна Македонија, царинските службеници, инспекциските служби, единиците за противпожарна територијална заштита, мали групни домови и домови за нега на стари лица, кои не се опфатени со мерките од ставовите 1 и 2 на овој член, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството.

Став 2 од членот 56  од Законот за заштита на населението од заразни болести гласи „Во случај кога постои опасност, епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството прогласува епидемија и наложува мерки за нивно сузбивање“.  

Членот 57 од Законот за заштита на населението од заразни болести гласи „ Во случај на епидемија, како и во случај на поголеми елементарни и други несреќи кои можат да предизвикаат појава на епидемија на заразна болест, можат да се наредат следниве времени мерки: 1) обврска здравствените работници и здравствените соработници да вршат здравствена дејност во вонредни услови; 2) ограничување на правото на штрајк; 3) ставање на располагање и користење на работни и други простории, опрема, лекови и превозни средства за вршење на здравствена дејност; 4) одредување на посебни задачи на здравствените установи и 5) други мерки пропишани со овој закон.

Мерките од ставот 1 на овој член траат додека постои опасност од ширење на епидемија.

Владата на Република Македонија на предлог на Министерството одлучува кои од мерките од ставот 1 на овој член ќе се применат и за кој временски период.

Став 1 од членот 58 Законот за заштита на населението од заразни болести гласи  „Кога со мерките пропишани со овој закон не е можно во Република Македонија да се спречи внесување и ширење на одредени заразни болести, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството може да нареди согласно точка 6 од овој став и  „ други мерки пропишани со овој закон“.

Членот 281, 282, и 283 од Законот за здравствената заштита се однесуваат  на вршењето на здравствена дејност во вонредни услови, кризни состојби и во услови на штрајк.

Членот 281 од Законот за здравствената заштита гласи „Министерството за здравство и здравствените установи се должни во општите акти, во согласност со закон, да ги утврдат своите задачи за обезбедување на здравствената заштита во вонредни услови и кризни состојби (природни и други тешки несреќи и вонредни состојби).

Членот 282 од Законот за здравствената заштита гласи „Министерството за здравство и здравствените установи се должни да обезбедат средства за резерви на лекови и санитетски материјални средства, кадри и други потреби за работа во вонредни услови и кризни состојби.

Членот 283 од Законот за здравствената заштита гласи „Во вонредни услови и кризни состојби Министерството за здравство и здравствените установи се должни да ја приспособат својата работа, да преземат мерки за непречена работа и за отстранување на последиците од таквата состојба“.  

Ставот 1 од членот 126 од Уставот на РС Македонија гласи „При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а ставот 2 од членот 126 од Уставот на РС Македонија гласи „Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“.

Член 36 став 1 од Законот за Влада на РС Македонија гласи „ Co уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.

Ставот 4 од членот 32 од Уставот на РС Македонија гласи „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор, ставот 5 од истиот член гласи “Од овие права вработените не можат да се откажат“, а ставот 6 од членот 32 од Уставот на РС Македонија гласи „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“.

Според член 137 став 1 од Законот за работните односи „Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена“, а според став 4 од истиот член „ Работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор“.

Според член 28 од Поединечниот колективен договор во делот за правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавецот „Работникот има право на одмор во текот на дневната работа во траење од 30 минути, одмор помеѓу два едноподруго работни дена во траење од 12 часа непрекинато, неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато и годишен одмор во траење од најмалку 20, а најмногу 26 работни дена“.

Според член 141 став 1 од Законот за работните односи, годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година.

Според став 3 од наведениот член од Законот за работните односи, работодавачот е должен на работикот да му обезбеди искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година, а според став 2 од истиот член од Законот за работни односи, годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.                                

Во истиот член став 4 од Законот за работните односи е утврдено кога годишниот одмор не бил искористен во тековната година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.   

Според член 144 од Законот за работните односи  став 1 „Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски“.

Според член 145 од Законот за работните односи став 1 „Работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја“, а ставот 2 од истиот член „Ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор“.

Имајќи го предвид наведеното Комисијата е на следното

МИСЛЕЊЕ

Правото на платен годишен одмор е утврдено и гарантирано со Уставот, Законот за работните односи и со Меѓународната регулатива и тоа со Директивата на ЕУ 2003/88/ЕЗ.  

Ставот 1 на членот 126 од Уставот на Република Северна Македонија на кој се повикува Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба од 07.04.2020 година е јасен дека уредбите на Владата со законска сила донесени при постоење на воена или вонредна состојба се во согласност со Уставот и со закон. 

Законот за заштита на населението од заразни болести, како и сите други закони мора да е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.       

Уставот на Република Македонија и Законот за работните односи ставаат посебен акцент на неприкосновеноста на правото на годишен одмор, со определбата дека од ова право вработениот не може да се откаже. Ова право не може да се замени ниту со парична компензација.

Доследно на ова, евентуална изјава со која вработениот би се откажал од правото на годишен одмор во правна смисла е ништовна, а тоа значи не произведува правно дејство.       

Годишниот одмор се користи кај работодавачот кај кого е стекнато правото за негово користење.

Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година, но Законот предвидува и можност годишниот одмор да може да се користи во повеќе делови. Притоа работодавачот е должен на работникот да му обезбеди користење на годишен одмор во траење најмалку од две работни недели непрекинато до крајот на календарската година, а остатокот од годишниот одмор работникот може да го искористи до крајот на јуни идната година.

Од изнесено Комисијата е на мислење дека секоја одлука или уредба на Владата на РС Македонија, вклучително и одлуките за забрана на користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор и Уредбата со законска сила на Владата на РС Македонија за користење на правото на годишен одмор од страна на вработените во јавниот сектор мора да се во согласност со Уставот на РС Македонија, што подразбира дека работодавачот е должен на вработените да им го овозможи Уставното и законското неприкосновено право на користење годишен одмор најкасно до крајот на јуни оваа година.  

 

                           Комисија за прописи и правни прашања

                                      на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри,                                       клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија