ССКЦ: Медицинската сестра од Неврологија не треба да биде казнета

Ставот на Синдикатот на Клинички центар е дека медицинската сестра, вработена во ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија не треба да биде казнета поради учеството  во Меѓународниот научен проект „Серолошки скрининг на COVID-19 на здравствени работници од Република Северна Македонија“, кофинансиран од Агенцијата на франкофонски универзитети (УАФ), која ја сочинуваат 944 универзитети, колеџи, универзитетски мрежи и научно истражувачки центри од 116 земји, кои користат француски јазик.

Проектот е од јавен карактер и е поминат на Етичката комисија на Медицинскиот факултет.

Казнетата медицинска сестра во проектот учествувала доброволно, како испитаник, без никаква финансиска надокнада, ниту пак со учеството направила било каков трошок на установата каде е вработена.

Волонтерското учество подразбира дека немала никаква обврска да го извести работодавачот, односно директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија или било кој друг раководен орган на таа институција.

И, покрај тоа за учеството во проектот била запознаена докторката која тој ден го менувала директорот поради негово отсуство, како и медицинската сестра која тој ден ја менувала главната сестра.

Се работи за медицинска сестра со високостручно образование, специјалист, која на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија е на работно место одговорна медицинска сестра на Одделот за ургентна неврологија.

Меѓу вработените е позната како голем професионалец, и колешка која своите работни задачи ги извршува совесно, стручно и крајно одговорно, штитејќи го за цело време како сопствениот, така и угледот на клиниката во која работи 26 години.

Според исказот на Директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија на побараниот совет од Министерот за здравство и државниот санитарен и здравствен инспекторат како да постапи во случајот, одговорот од двете институции бил дека медицинската сестра треба да се суспендира од работа.

Доколку изнесеното од директорот е вистина, многу мачно и болно е сознанието дека во денешно време со невидена леснотија, телефонски може да се одреди човечка судбина.

Спротивно на препораките од Министерот за здравство и ДСЗИ, директорот донел одлука медицинската сестра да не ја отстрани од работа, туку да ја казни со намалување од 20% од нејзината плата во наредните два месеци.

Се поставува прашањето која била причината да Директорот ги информира и побара совет од Министерот за здравство и ДСЗИ за на крајот своеволно да ја изрече казнената мерка „дисциплинска неуредност“.

Можеби проблемот не е во доброволното учество на медицинската сестра во проектот како испитаник, без никаква лична корист и без финансиска импликација за установата во која работи.

Вон секоја логика би било да проект прифатен за кофинансирање во конкуренција меѓу 1888 проекти од 423 високообразовни институции од 76 земји, а чиј носител е Институтот за медицинска и експериментална биохемија, а како рамноправен фактор во изведба на серолошкото тестирање е вклучен Институтот за имунобиологија и хумана генетика, наместо за восхит биде причина за претходните дејствија.

Познато е дека Министерот за здравство своевремено, лично и со право се пофали за учеството на Република Северна Македонија во мултицентричната студија „Солидарити“ на СЗО за третман на Ковид-19.

Би прашале да не е проблематична целта на проектот, односно серолошкиот скрининг за да се детектира серопреваленцата на IgM и IgG антителата против SARS-CoV-2 вирусот кај здравствените работници. Можда истото она поради кое се одолговлекува скринингот на здравствените работници за кој Министерот Филипче изјави дека ќе почне на средината на месец мај, заедно со скринингот на вработените во детските градинки.

Синдикатот на Клинички центар ги повикува Министерот за здравство и Комисијата за заразни болести да ја објаснат  причината поради која се одолговлекува скринингот на SARS-CoV-2 вирусот кај здравствените работници.

Правото на работа и правото на волонтерско и стручно учество во проекти  не зависи од вољата на поединци, ниту е нивна привилегија.

Синдикатот на Клинички центар е на став дека изречената казнена мерка „дисциплинска неуредност“ нема никаква правна или било каква друга поврзаност со волонтерско учество во научен проект како испитаник, и од тие причини бара истата да се укине.

Извршен одбор на Синдикатот на Клинички центар   06.07.2020 година