СТОП׀ ЗА НАСИЛСТВО ВРЗ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ!

Синдикатот на Клинички центар го поддржува протестот под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници“ организиран од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и го повикува своето членство масовно да се придружи на протестот закажан за среда, 18.09.2018 година во 11 часот на хелиодромот во Клинички центар.

Ги повикуваме членовите на Синдикатот, кои се вработени во ЈЗУ вон Клинички центар во наведениот термин да излезат во дворот на нивните ЈЗУ во знак на поддршка на протестот.

Членовите на Синдикатот на Клинички центар, вработени во итната медицинска помош  за време на протестот со еднолична свирка од сирената да изразат поддршка на протестот.

Ги известуваме Директорите на јавните здравствени установи дека членовите на Синдикатот, на 18.09.2019 година својата получасовна пауза ќе ја користат од 11 до 11 и 30 часот со цел да можат да се приклучат на протестот за време на нивната пауза.

Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека Синдикатот на Клинички центар во целост се согласува со Министерот Филипче дека насилството врз докторите, медицинските сестри и другите вработени во здравството е  рецидив од минатото и резултат на претходните популистички политики, но истовремено го прашува што направи тој во изминатиот период за да го реши тој рецидив. Според зачестените, а не повремени и инцидентни напади на вработените во здравството очигледно ништо, или со бројки изразено, ако неговиот претходник пред 5 години, се соочувал со 6 случаи на напади на доктор годишно, Министерот Филипче се соочува со 15 случаи на напад на доктор за изминатите 9 месеци од оваа година.

Како и за многу други битни работи во здравството, Министерот Филипче го исклучи Синдикатот на Клинички центар од учеството во дебатите за решавање на проблемот со насилството во здравството. Со таа постапка ги остави вработените во Клинички центар без влијание во креирањето на политиките на надлежните институции во решавањето на овој многу важен проблем.

Од овие дебати за изнаоѓање решенија за спречување на насилството ја исклучи и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, иако е организатор на протестот на кој го најави своето присуство и рече дека ќе го предводи.

Со ваквиот селектиран и нетранспарентен пристап, дебатата во Деканатот на Медицински факултет – Скопје доживеа несакан, но предвидлив исход. На самата дебата присуствуваа повеќе излагачи од слушатели, а претседателот на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари јавно ги прогласи организаторите на дебатата за неподобни на протестот.

На крајот, останува нејасно како може Ресорниот Министер да прави дискриминација на вработените во ЈЗУ и на едните да им обезбеди професионално обезбедување, а на другите кои според негови проценки се со помала веројатност некој да ги нападне, едноставно да им посака добра среќа.

Скопје, 17.09.2019 година  10 и 30ч.  Извршен одбор на Синдикатот на Клинички центар