Предмет: Барање на мислење во врска со регулирање на боледувањето на вработени лица заболени од COVID-19 и утврдување на висината на надоместокот на плата за привремена спреченост за работа поради COVID-19
Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија во своето Известување на регулирање на боледувањето на вработени лица заболени од COVID – 19 (Коронавирус) како и вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза од 30.08.2020 година укажува на следното:
Вработените лица кои имаат симптоми и се заболени од COVID-19 (Коронавирус), ќе го остварат своето право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа согласно член 13 став 1 точка 1 од Законот за здравственото осигурување односно избраниот лекар ќе им издаде ИСР образец по основ на болест за која надоместокот на плата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавецот од своите средства, а над 30 дена Фондот.
Вработените лица кои немаат симптоми, но се заболени од COVID – 19 (Коронавирус), ќе го остварат своето право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа согласно член 13 став 1 точка 9 од Законот за здравственото осигурување односно избраниот лекар ќе издаде ИСР образец по основ изолираност заради спречување на зараза, за која надоместокот на плата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавецот од своите средства, а над 30 дена Фондот.
Вработените лица кои се во изолација (карантин) заради спречување на зараза бидејќи дошле од ризични земји или биле во контакт со заболено лице, но за истите не е потврдено дека се заболени од COVID – 19 (Коронавирус), Избраниот лекар не издава боледување. Осигуреникот е во изолација во домашни услови (карантин), согласно решението од ДСЗИ каде е наведен периодот на самоизолација.
Согласно Службен весник на Република Северна Македонија број 118 од 7 мај 2020 година во Правилникот за листата на професионалните болести донесен од Министерството за труд и социјална политика во член 2 кои се сметаат како професионални болести е внесена и Ковид-19 како професионална болест под точка 3. бр. 408 и се однесува на „Инфективни заболувања предизвикани од Коронавирус COVID-19 при превенција, здравствена заштита, домашна посета и други слични активности за кои е докажан ризикот од инфекција“.
Според член 13 став 2 од Законот за здравственото осигурување, надоместокот на плата за професионална болест припаѓа од првиот ден на спреченост за работа и трае цело време додека трае спреченост за работа, а се исплатува за деновите за кои се остварува плата според прописите за работни односи.
Според членот 17 став 2 од Законот за здравствено осигурување, во случај кога се работи за настанато професионално заболување, надоместокот за плата изнесува 100% од утврдената основица.
Според член 18 став 1 од Законот за здравствено осигурување надоместокот на платата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавецот од своите средства, а над 30 дена Фондот.
Согласно погоре наведеното, Комисијата е на следното
МИСЛЕЊЕ
Вработените лица кои имаат симптоми и се заболени од COVID-19 (по основ на болест) и вработените лица кои немаат симптоми, но се заболени од COVID-19 (по основ изолираност заради спречување на зараза), ќе го остварат своето право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа, за која надоместокот на плата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавецот од своите средства, а над 30 дена Фондот.
Од причина дека се работи за настанато професионално заболување, надоместокот за плата изнесува 100% од утврдената основица.
Вработените лица кои се во изолација (карантин) заради спречување на зараза согласно решението од ДСЗИ, но за истите не е потврдено дека се заболени од COVID-19, согласно фактот дека не се водат на боледување примаат плата за полно работно време 100%.
Сето ова подразбира дека работодавецот е должен да исплати надоместок на плата кој изнесува 100% од утврдената основица иза вработените лица кои имаат симптоми и се заболени од COVID-19 (по основ на болест), како и за вработените лица кои немаат симптоми, но се заболени од COVID-19 (по основ изолираност заради спречување на зараза).
Комисија за прописи и правни прашања
на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија