Честит 28 Април, светскиот ден на безбедност и здравје при работа

Денес 28 април, во сите земји се одбележува светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Оваа 2021 година, Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа – 28 април, се одбележува во услови на глобална здравствена криза предизвикана од пандемијата со COVID-19.

Во ова тешко време работниците како кај нас така и низ целиот свет се изложени пред огромни и неочекувани предизвици, обидувајќи се на најсоодветен начин да се заштитат и да се справат со заканата од ширењето на вирусот и последиците од заболувањето.

И токму во ова време на пандемија на COVID-19, преземањето на соодветни мерки во областа на безбедноста и здравјето при работа (БЗР) има можеби и една од најважните улоги во превенцијата и спречувањето на ширењето на заразата, а со самото тоа и во заштитата на здравјето на работниците и воопшто, на целата популација. 

Сега, повеќе од кога било, е исклучително важно да ги имаме предвид значењето и улогата на преземањето и почитувањето на мерките за безбедност и здравје при работа и постојано да ја подигнуваме на што повисоко ниво свеста за неопходноста од соодветни превентивни мерки, процедури и практики насочени кон поголема безбедност на работните места и заштита на здравјето на работниците.

Треба да се има предвид дека во овој период здравствените работници се соочуваат со значително зголемени ризици од заразата со коронавирусот и пренесување и ширење на заразата на своите најблиски, поради тоа што се наоѓаат во првите редови на одговор на пандемијата.

Особено е важно сите работодавачи да ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на здравјето на вработените во јавните здравствени установи и со нивните активности и залагања да придонесат кон подобрување на безбедноста на работните места и заштитата на здравјето на работниците.

Одбележувајќи го 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, им оддаваме почит на сите работници кои ги изгубиле своите животи или се стекнале со инвалидност како резултат на повреди и болести поврзани со работата.

Да ја запреме пандемијата: Безбедноста и здравјето при работа можат да спасат животи!

ССКЦ 28.04.2021 година