Група пациенти од машкиот оддел на Клиниката за кожни болести при Клиничкиот центар во Скопје упатија јавна пофалба и благодарница до вкупниот персонал, на чело со директорот на оваа клиника, прим. д-р Небојша Пешиќ. Пациентите се заблагодаруваат и до проф. д-р Маргарета Балабанова Стефанова, прим. д-р Весна Матевска – Цифревска, д-р Ирина Арсовска Бежовска, кои, како што пишуваат во пофалбата, со својата стручност, професионалност, човечност и топол пријателски однос кон нив, како и со нивното детално познавање на проблематиката, се на врвот не само во Македонија, туку и и на Балканот, а веруваат и во рамки на Европа.
Пациентите се заблагодаруваат и на останатите лекари и сестри кои, како што велат, се дел од овој „дрим-тим“. Посебно се заблагодаруваат и упатуваат најискрени пофалби за болничарите, а особено за волонтерите, за кои велат дека со „ангелски раце и со топол човечки однос“ им ги олеснувале болките. Поаѓајќи од нивното позитивно искуство, пациентите замолуваат доколку постои и најмала можност, волонтерите да бидат редовно вработени за и идните пациенти да ја почувствуваат „благодетта на нивните волшебни раце“.
Извор: Плус Инфо