Факултети.мк: Ќе останат ли доктори за да нѐ лекуваат? Си одат речиси колку што дипломираат

Ќе има ли кој да нè лекува во иднина? Веројатно не ако докторите продолжат да си заминуваат од земјава со досегашното темпо, 170-180 годишно. Достоинствена плата, нормални услови за работа со коректен меѓучовечки однос се најбитните услови за младите перспективни лекари да останат овде.

Заминувањето на лекарите некои го толкуваат како глобален феномен. На пример, лекари од Германија одат во САД за повисоки плати, а оние оттука во Германија. Д-р Миралем Јукиќ, член на Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), смета дека станува збор за замена на тези, што реално не ни носи ништо добро.
– Редно е да се соочиме со проблемот и конечно да се пристапи со конкретни мерки за негово решавање. Според статистиката на Лекарската комора, годишно околу 200 дипломирани студенти излегуваат од сите државни медицински факултети, но приближно иста е и бројката на оние што секоја година ја напуштаат земјава. Само во првото тримесечје оваа година државата ја напуштиле 83 лекари. Ако на ова го додадеме и очекуваниот бран на пензионирања во наредниве 5 години, ситуацијата не само што е алармантна туку практично имаме катастрофа во најава – вели д-р Јукиќ.
Основен проблем е погрешната политика на државата од аспект на планирање на потребите на јавните здравствени установи. Долго време не беа праќани соодветен број доктори на соодветни специјализации и немаше и сè уште нема доволно вработувања за да се заменат тие што се испратени на специјализација.
– Во последниве 2 години ниту еден доктор не е примен во скопската брза помош, а околу половина си имаат заминато, т.е. ако пред 2 години имавме 10-11 екипи, сега има 5-6. Треба најмалку 4-6 години по дипломирање на доктор да стане специјалист, па планирањето е клучно. Втора причина поради која нема специјалисти се исклучително ниските плати. Со сите покачувања имаат основна плата од околу 600 евра, а имаат една од најодговорните профeсии во која инвестирале 10-12 години од својот живот. Платата на специјалистите, за да биде конкурентна, треба да биде во висина на 4 просечни плати, т.е. околу 1.500 евра. Третиот и можеби најбитен проблем со кој се соочуваат докторите се лошите услови за работа, немање соодветна апаратура и лекови, неплаќање на прекувремените часови… – вели д-р Јукиќ.

Извор: Fakulteti.mk Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова 03.05.2019

Целиот текст прочитајте го тука