МЗ: Вер 1.1. Нацрт Закон Предлог Закон за лекарска дејност

ЗАКОН  ЗА ЛЕКАРСКА ДЕЈНОСТ

I.  ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат условите и начинот на вршењето на лекарската дејност, правата и должностите на лекарите, издавање, продолжување, престанување и одземање на лиценца за работа за вршење на лекарска дејност, надлежноста, организацијата и работењето на Лекарска комора на Република Северна Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на лекарската дејност.

Член 2

  1. Лекар е здравствен работник со високо образование од областа на медицината со завршен медицински факултет и стекнат назив лекар на медицина.
  2. Лекарот е самостоен носител на здравствената дејност која е од јавен интерес за граѓаните на Република Северна Македонија која со која се обезбедува здравствената заштита на поединците и населението на Република Северна Македонија.

Член 3

Изразите, употребени во овој закон кои се родово определени, се користат неутрално и се однесуваат еднакво на лица од машки и женски пол.

II.  ЛЕКАРСКА ДЕЈНОСТ

Начела за вршење на лекарска дејност

Член 4

Лекарот, како основен и компетентен носител на здравствената дејност, лекарската дејност која ја врши во согласност со следните начела:

  1. постојано одржување и унапредување на квалитетот на лекарските услуги во интерес на здравјето и општествената благосостојба на населението,
  2. одржување и унапредување на довербата помеѓу лекарот и пациентот, како и членовите на неговото семејство,
  3. почитување на правата на пациентите,
  4. независно и професионално вршење на лекарската дејност,
  5. чување и унапредување на слободата и угледот на лекарската професија и
  6. одржување и унапредување на достоинственото и одговорно професионално однесување во работата со почитување на прописите, правилата на струката и кодексот на медицинската и етика и деонтологија.

Член 5

  1. Целта на лекарската дејност е заштита на здравјето на поединецот, семејството и населението.
  2. Лекарската дејност опфаќа:

1) преглед со кој се утврдува постоење или непостоење на телесни или психички болести, телесни оштетувања или аномалии,

2) проценка на состојбата од став 1, точка 1) од овој член, со помош на дијагностички инструменти, постапки и средства,

3) лекување и рехабилитација,

4) давање на крв и крвни деривати,

5) спречување на болести, здравствено образование и советување,

6) грижа за репродуктивното здравје и помош при породување,

7) пропишување на лекови, медицински средства и помагала,

8) земање и пресадување на органи и ткива,

9) мртвопроверителство и обдукција на умрени лица,

10) издавање на лекарски уверенија, потврди, извештаи и мислења и

11) други работи во согласност со општите и посебните прописи.

Член 6

  1. Лекарот постапува самостојно во процесот на донесување на одлуки, избор на дијагностиката и лекувањето, во согласност со дадените околности и научните знаења и стручни упатства за медицина базирана на докази кои се во согласност со современата светска медицинска практика.
  2. Лекарот е должен во вршењето на лекарската дејност особено да:

– ги почитува начелата на вршење на лекарската дејност и

– да не врши активности кои не се во согласност со угледот, достоинството и независноста на лекарското звање.

Овластување за вршење на лекарската дејност

Член 7

Лекарска дејност можат да вршат само лекари во согласно овој и друг закон.

Општи услови за вршење на лекарска дејност

Член 8

  1. Општи услови за вршење на лекарска дејност се:

– диплома за завршен медицински факултет во Република Северна Македонија или нострифицирана диплома за завршен медицински факултет во странство,

–   потврда за положен стручен испит,

– уверение за завршена специјализација односно супспецијализација за вршење на специјалистички односно супспецијалистички работи,

–    државјанство на Република Северна Македонија,

–  упис во Регистарот на лекари Лекарската комора на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Лекарска комора),

–    одобрување за самостојна работа (лиценца за работа).

2. По исклучок од ставот (1), алинеја 2 од овој член, странски државјанин може да врши здравствена дејност, ако покрај општите услови утврдени со прописите од областа на движење, престој и вработување на странци ги исполни и условите утврдени со овој закон за државјаните на Република Северна Македонија кои образованието го завршиле во странство и ако завршил дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности согласно со програмата за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности.

3.  По исклучок од ставот (2) на овој член, за лекар кој се стекнал со квалификации во земјите членки на Европската Унија или во Швајцарија, Норвешка, Канада, Јапонија, Израел, Турција, Русија или САД не е потребна дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности

4.  Лекар – странски државјанин кој врши здравствена дејност во Република Северна Македонија, покрај условите од став 1 од овој член, мора да го владее македонскиот јазик и неговото кирилично писмо – ниво Б-2.

5.  Исполнувањето на условите од ставовите (1) и (4) од овој член го утврдува Лекарската комора во постапката за издавање на лиценца за работа.

Престанок на правото на вршење на лекарска дејност

Член 9

На лекарот му престанува правото да врши лекарска дејност, ако:

  1. го изгуби македонското државјанство,
  2. ја изгуби деловната способност,
  3. стане трајно здравствено неспособен за вршење на лекарска дејност,
  4. му е изречена мерка забрана на вршење на лекарска дејност,
  5. со дисциплинска казна на тело на Лекарската комора го изгубил правото да врши лекарска дејност.

Организација и вршење на лекарската дејност

Член 10

Лекарот лекарската дејност може да ја врши во здравствена установа и во друго правно лице што врши здравствена дејност согласно прописите за здравствената заштита.

III.  ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ЛЕКАРОТ ВО ВРШЕЊЕТО НА ЛЕКАРСКАТА ДЕЈНОСТ

Права на лекарите 

Член 11

Лекарот има право да му се почитува професионалното и човечко достоинство.

Укажување и неукажување на лекарска помош 

Член 12

  1. Лекарот е должен да ги спроведе потребните мерки на превенција, дијагностика и лекување, односно рехабилитација на сите лица на кои е избран лекар или кои се упатени од страна на друг лекар заради укажување на здравствена заштита или во итни случаи заради заштита на човековото здравје.
  2. Во итни случаи лекарот е должен да му укаже помош на секој пациент, без одлагање, а останатите пациенти е должен да ги прима според степенот на медицинската итност, односно спрема листата на чекање.
  3. Под итни случаи од став (2) на овој член се сметаат оние состојби кај кои заради неукажување на лекарска помош можат да настанат трајни штетни последици по здравјето (инвалидност) или по животот на пациентот.
  4. Лекарот е должен да направи тријажа според моменталната состојба и степенот на итност и да постапи според своја проценка.
  5. Лекарот може да одбие да укаже лекарска помош на лице што му се заканува или се однесува спрема него или другите здравствени работници физички агресивна или ако тоа го прават членови на семејството, освен во итни случаи.
  6. Во случајот од став (5) од овој член лекарот е должен на лицето да му укаже лекарска помош ако му е обезбедена заштита од страна на полицијата или друг вид на заштита.

Лекарска тајна

Член 13

  1. Лекарот е должен да чува како лекарска односно професионална тајна се што ќе дознае за здравствената состојба на пациентот.
  2. Обврската за чувањето на лекарската тајна е должност за лекарот и по смртта на пациентот.
  3. Лекарот може да ја открие лекарската тајна само со согласност на пациентот, по налог на судот, во случај кога чувањето на лекарската тајна ќе го загрози здравјето на други луѓе и во други случаи утврдени со прописите за заштита на правата на пациентите.

Обврска за пријавување 

Член 14

  1. Лекарот е должен да поднесе пријава до полиција или јавно обвинителство кога во текот на вршењето на лекарска дејност се посомнева дека смртта или телесната повреда на пациентот настанала по насилен пат.
  2. Лекарот е должен да поднесе пријава и кога ќе се посомнева дека на малолетно лице или немоќно лице здравствената состојба му е сериозно нарушена поради запоставување или злоставување.

Водење и чување на медицинска документација

Член 15

  1. Лекарот е должен да води точна, исцрпна и датирана медицинска документација во согласност со прописите за евиденциите во областа на здравството, која во секој момент може да даде доволни податоци за здравствената состојба на пациентот и неговото лекување.
  2. Лекарот е должен медицинската документација од став (1) од овој член на писмено барање, да ја предаде на Министерството за здравство, органите на државната управа, надлежен судија и Лекарската комора или на судот во согласност со посебни прописи, прописите за евиденција во областа во здравството и прописите за заштита на личните податоци.
  3. Директорот на здравствената установа е должен при давањето на медицинската документација да обезбеди присуство на лекарот кој ја изготвил документацијата.
  4. Лекарот или одговорното лице на здравствената установа, или друго правно лице што врши здравствена дејност е должен документацијата што се чува на електронски медиум да ја обезбеди од менување, привремено или трајно уништување или неовластено користење.
  5. Лекарот е должен да му ја даде на увид целата медицинска документација на пациентот што се однесува на дијагностиката и лекувањето на неговата болест, на негово барање согласно прописите за заштита на правата на пациентите.
  6. Лекарот или одговорното лице на здравствената установа или друго правно лице што врши здравствена дејност се должни да ги чуваат податоците за лекување на пациентот во рокови утврдени со прописите за евиденциите во областа во здравството , а по тој рок се должни да постапат со податоците во согласност со прописите за архивско работење.
  7. Кога овластено лице, во согласност со посебен закон, ќе ја преземе медицинската документација од став (2) од овој член , должно е да му издаде на лекарот или одговорното лице на здравствената установа, или друго правно лице што врши здравствена дејност службена потпишана потврда за преземање, со попис на преземената документација.

Лекарски потврди

Член 16

Лекарот може да издава лекарски потврди само после извршен лекарски преглед и/или увид во оригиналната постоечка документација на лицето за кое се издава по точно утврдени факти: лични податоци за пациентот, време, место и наод што се потврдува со потврдата , во согласност со своето најдобро знаење и совеста.

Избор на друг лекар 

Член 17

Во случај ако пациентот избере друг лекар, лекарот или одговорното лице на здравствената установа, се должни на новоизбраниот лекар да му ја предадат целокупната медицинска документација за пациентот на писмено барање, како и да архивираат потпишана изјава за преземање на медицинската документација, во согласност со прописите за водење на евиденциите во областа на здравството и за чување на медицинска документација.

Претрес на ординација на лекар 

Член 18

  1. Претрес на ординација на лекар може да нареди само надлежниот суд со писмен налог, ако за тоа се исполнети условите пропишани со закон .
  2. Кога ќе се одреди претрес на ординација на лекар, судот за тоа веднаш ќе ја извести Лекарската комора.
  3. Лекарот или неговиот заменик има право на присуство при претресот на ординацијата. задолжително на двајца сведоци од кои еден е претставник на Лекарската комора.
  4. При претресот на лекарската ординацијата не смее да биде повредена тајноста на лекарската документација и предметите, на штета на пациентите.
  5. Претресот на ординација на лекарот ќе се ограничи само на преглед на онаа лекарска документација и предмети што се во непосредна врска со основаното сомнение за кривичното дело за кое се води постапката.
  6. Доказите прибавени во спротивност со одредбите на овој член не можат да се употребат во постапката против лекарот и неговите пациенти.
  7. При претрес на ординацијата на лекарот се води записник за затекнатата состојба и земената медицинска документација.

Меѓусебни односи на лекарите 

Член 19

  1. Лекарот е должен со своето однесување и постапување да ги почитува честа, достоинството и угледот на друг лекар, почитувајќи ја неговата стручност и во согласност со Кодексот на медицинската етика и деонтологија.
  2. Ако друг лекар од лекарот побара стручен совет и/или помош, лекарот мора да му ја даде несебично и најдобро што знае.
  3. Лекарот не смее да ги придобива пациентите на своите колеги.
  4. Лекарот може да преземе грижи за пациент на друг лекар само по барање на лекарот или пациентот.
  5. Обврска е на лекарот кој го упатува пациентот кај друг лекар да го информира за деталите кои би можеле на било кој начин да наштетат односно да го загрозат здравјето или животот на лекарот.

Односот на лекарот спрема лекарската професија

Член 20

  1. Лекарот треба со своето однесување и активности да го задржи угледот на лекарската професија.
  2. Лекарот треба да се грижи за својата професионална репутација и независност и нема да дозволи неговото име да се издвојува и поврзува со комерцијални активности заради остварување на лична корист.
  3. Лекарот треба да избегнува стекнување и ширење на углед со саморекламирање и со само промоција и неточни информации за себе и за други лекари и медицински установи во медиумите.
  4. Лекарот не смее да соработува со поединци, институции или компании кои ја злоупотребуваат довербата на јавноста застапувајќи непроверени работи и постапки наменети за лекување, чување и промоција на здравјето.

Физички и психички интегритет, личност, достоинство и сигурност на лекарите на медицина

Член 21

  1. Лекар кога врши здравствена дејност и дава здравствени услуги се смета како службено лице кое врши службена должност врз основа на овластување дадено со закон.
  2. Физичкиот и психичкиот интегритет, личноста и достоинството на лекарот од став (1) на овој член, како и неговата сигурност мора да се почитуваат и лекарот има право на заштита на овие права кога врши здравствена дејноста и дава здравствени услуги како службена должност.
  3. Напад врз лекар при вршење на здравствена дејност и давање на здравствени услуги како службена должност се смета како напад врз службено лице при вршење на здравствена дејност и давање на здравствени услуги како службена должност

IV.  ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСЛУГИ

Стручно усовршување 

Член 22

Лекарот има право и должност на стручно усовршување, кое опфаќа:

–  континуирано следење на развојот на медицинската наука,

–  стекнување на нови знаења и вештини и нивна примена.

Стручен надзор над работата на лекарот

Член 23

  1. Лекарска комора врши надзор над стручната работа на лекарот, за да се обезбеди квалитет и безбедност при укажувањето на здравствената заштита.
  2. Надзорот од став (1 ) на овој член го врши Лекарската комора, заради контрола над стручната работа, спроведување на стручните упатства, оцена на стручната работа, како и процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита, како редовен стручен надзор и како стручен надзор по потреба.
  3. Редовниот стручен надзор се врши согласно со годишниот план .
  4. Надзор над стручната работа по потреба се врши на барање на пациент, член на неговото семејство и државен орган и трошоците за вонредниот стручен надзор паѓаат на товар на подносителот на барањето.
  5. Висината на трошоците од ставот (3) на овој член ја утврдува Лекарската комора со општ акт, на кој согласност дава министерот за здравство .
  6. Министерот за здравство по потреба може да формира комисија за вршење на надзор на стручната работа на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници и соработници.

Соработка на Лекарската комора и Државниот санитарен и здравствен инспекторат

Член 24

При вршење на стручниот надзор од член 23 на овој закон Лекарската комора соработува со Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Извештај за извршен стручен надзор 

Член 25

  1. Лекарска комора , во рок од осум дена од денот на завршувањето на надзорот над стручната работа, доставува извештај за надзорот до министерот за здравство и до установата во која е извршен надзорот.
  2. Извештајот задолжително ги содржи следниве елементи:

–  констатираната состојба,

–  евентуалните недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствената заштита,

–  стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можните последици по здравјето на луѓето и

–  предлог за определување мерки за отстранување на недостатоците, неправилностите или пропустите и рокови за нивно спроведување.

3.  Установата во која е извршен надзорот, односно лекар на медицина кои биле опфатени со надзорот можат да поднесат приговор на извештајот од извршениот надзор до министерот за здравство во рок од три дена од денот на приемот на извештајот во установата.

4.  По исклучок од ставот (1) на овој член, ако Министерството за здравство констатира непосредна опасност по животот и здравјето на граѓаните, најдоцна во рок од 24 часа организира спроведување на стручен надзор и предлага преземање соодветни мерки.

V.  ОДГОВОРНОСТ НА ЛЕКАРИТЕ

Член 26

  1. Лекарот дисциплински ќе одговара ако:

–  ги прекрши одредбите од овој закон,

–  ги прекрши одредбите од Кодексот на медицинската етика и деонтологија на Комората,

–  нестручно ја врши лекарската дејност,

–  со своето однесување кон пациентот, друг лекар или трети лица го повреди угледот на лекарската професија

–  не ги извршува обврските кои произлегуваат од статутот или другите општи акти на Комората.

2.  Прекршочната или дисциплинската одговорност на Лекарот во здравствената установа или друго правно лице што врши здравствена дејност не ја исклучува дисциплинската одговорност на Лекарот кон Комората.

3.  Лекарите дисциплински одговараат пред Судот на честа на Комората. Комората со општ акт се пропишуваат лесни и тешки дисциплински повреди.

VI.  ВРЕДНУВАЊЕ НА ЛЕКАРСКАТА РАБОТА

Член 27

Вреднувањето на лекарската работа како високо специјализирана дејност од исклучително значење за поединците и општеството, во мрежата на здравствена дејност се определува со колективни договори, согласно должината на додипломското образование, специјалистичкото односно супспецијалистичкото усовршување и континуирана едукација за обновување на лиценцата за работа, со основна нето плата и во зависност од одговорноста за заштита на здравјето на поединците и населението.

Цената на трудот на лекарот кои вршат приватна пракса

Член 28

Заради спречување нелојална конкуренција и зачувување на дигнитетот на лекарите и нивната работа најниската цена на лекарските услуги ги определува Лекарска комора.

Дополнителна дејност 

Член 29

Лекарите – специјалисти вработени во здравствена установа кои вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност имаат право на дополнителна дејност согласно прописите за здравствена заштита.

Волонтерска работа 

Член 30

Лекарот надвор од мрежа на здравствени установи во соработка со верски, хуманитарни и граѓански здруженија може и без надоместок да врши едукација и здравствено образование.

VII.  ЛИЦЕНЦА ЗА РАБОТА НА ЛЕКАРОТ

Пробна работа и стручен испит 

Член 31

  1. Лекарот спроведува пробна работа заради оспособување за полагање на стручниот испит во здравствена установа.
  2. Пробната работа на лекари кои завршиле петгодишни студии трае една година, за лекари кои завршиле шестгодишни студии трае шест месеци.
  3. Пробната работа на лекарот се спроведува во здравствени установи според планот и програмата од овој закон, преку практична обука и под надзор на овластен доктор на медицина – ментор за спроведување на пробна работа.

План и програма за пробна работа на здравствените работници

Член 32

Планот и програмата за пробна работа на лекарите, образецот и начинот на водење на книшка за пробна работа ги пропишува министерот за здравство по претходно мислење од Лекарска комора.

Ментор за спроведување на пробна работа 

Член 33

  1. Менторот е лекар кој го организира и следи спроведувањето на планот и програмата за пробната работа на лекарот и обезбедува дополнителни активности во случај лекарот да не успее да постигне задоволителен степен во својот напредок во текот на пробната работа.
  2. Менторот има улога на водич на лекарот во периодот на пробната работа.
  3. Менторот може да води најмногу пет лекари кои ја обавуваат пробната работа.
  4. Менторите за спроведување на пробна работа, кои се со соодветно високо образование и работно искуство во соодветната област на специјализацијата, под чиј надзор се спроведува пробната работа на докторот на медицина, ги определува Лекарска комора.
  5. Поблиските критериуми што треба да ги исполнуваат менторите за спроведување на пробната работа во однос на образованието и работното искуство од ставот (1 ) на овој член ги утврдува Лекарска комора со акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Стручен испит за здравствените работници 

Член 34

  1. По завршување на пробната работа, лекарите се должни да полагаат стручен испит во рок од една година од денот на завршувањето на планот и програмата за пробна работа.
  2. Ако лекарите не полагаат стручен испит во рокот од ставот 1 на овој член, повторно ја извршува пробната работа.
  3. Лекарите стручниот испит го полагаат пред испитни комисии формирани од Лекарска комора на Македонија.
  4. Составот на испитната комисија, начинот на полагање на испитот, начинот на проверката на стекнатите знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на докторите на медицина ги утврдува Лекарска комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство.

Признавање на пробната работа и стручен испит поминат и положен во странство 

Член 35

  1. Пробната работа и стручниот испит на лекарите кои ги поминале и положиле во странство може да се признаат во целост или делумно ако програмата за поминатиот стаж, односно програмата за полагање на стручниот испит не отстапува од програмата за пробна работа, односно програмата за стручниот испит донесени врз основа на овој закон.
  2. Признавањето на пробната работа и стручниот испит од ставот 1 на овој член на докторите на медицина го врши Лекарска комора.

VIII.  ИЗДАВАЊЕ, ОБНОВУВАЊЕ, ПРОДОЛЖУВАЊЕ И ОДЗЕМАЊЕ НА ЛИЦЕНЦА ЗА РАБОТА

Стекнување лиценца 

Член 36

  1. Лекар може да се стекне со лиценца за работа ако ги исполнува условите од член 7 на овој закон.
  2. Лекар кој се стекнал со лиценца за работа во странство може да се стекне со лиценца за работа, ако покрај општите услови од член 7 на овој закон има и:

1) препорака од комората во која членувал и

2) доказ за претходно работно искуство во дејноста во која бара лиценца за работа.

Лиценца за работа во гранка на специјализација и супспецијализација

Член 37

Лекарот, по завршување на соодветна специјализација, односно супспецијализација, може да се стекне со лиценца за работа во соодветната гранка на специјализацијата, односно супспецијализацијата.

Стекнување лиценца за здравствен работник – странски државјанин

Член 38

  1. Лекар странски државјанин може да се стекне со лиценца за работа, ако ги исполнува условите од член 7 на овој закон.
  2. Лекар од ставот (1) на овој член познавањето на јазикот го докажува со потврда од овластена образовна установа за успешно положен тест за знаење на јазикот.

Програма за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности

Член 39

  1. Програмата за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности на лекар, составот на испитната комисија и начинот на спроведувањето на проверката ги утврдува Лекарска комора со акт, на кој министерот за здравство дава согласност.
  2. Проверката од ставот 1 на овој член ја врши Лекарска комора.

Обновување на лиценцата 

Член 40

  1. На лекар може да му се обнови лиценцата за работа ако во периодот на важноста на лиценцата со континуирано стручно усовршување, преку следење на новините во медицината, стоматологијата, односно фармацијата и унапредување на сопственото знаење, се стекнал со соодветен број бодови и најмалку 60% од времето на важноста на лиценцата за работа работел во дејноста за која стекнал лиценца за работа.
  2. По исклучок од ставот (1) на овој член на лекар избран или именуван на јавна функција времето поминато во вршење на функцијата и едукативен престој во странство не му се засметува во времето на важноста на лиценцата за работа утврдено во ставот 1 на овој член.
  3. Облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите од ставот (1) на овој член ги утврдува Лекарска комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство.

Привремено продолжување на лиценцата 

Член 41

  1. На лекар кој не ги исполнува условите од членот 40 од овој закон може привремено да му се продолжи лиценцата за работа за наредните шест месеци, под услов во овој период успешно да заврши дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности согласно со програмата за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности.
  2. На лекар кој не ги исполнува условите од ставот 1 на овој член привремено му се одзема лиценцата за работа.

Повторно стекнување со лиценца за здравствен работник на кого привремено му е одземена 

Член 42

Лекар на медицина на кој му е привремено одземена лиценцата за работа може повторно да се стекне со лиценца ако во текот на годината што следи по истекот на роковите на важност утврдени со овој закон помине дополнителна обука согласно со програмата од членот 40 од овој закон и успешно ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности пред испитна комисија на комората.

Привремено или трајно одземање на лиценцата

Член 43

  1. Лекарска комора може привремено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на лекар на медицина.
  2. Привремено одземање на лиценцата за работа на лекар на медицина може да се изврши најмногу за период од седум години, согласно критериуми утврдени во Правилник, ако лекар на медицина:

1)  не ја продолжи лиценцата за работа во роковите утврдени со овој закон;

2)  не ја заврши дополнителната обука во утврдениот рок;

3)  не ја заврши со успех дополнителната проверка на стручните знаења и способности;

4)  има судско правосилно решение со кое привремено му е забрането вршење на дејност или професија;

5)  ги прибавил доказите за исполнување на условите пропишани со овој закон спротивно на законот и тоа се утврди по доделувањето на лиценцата за работа;

6)  врши дополнителна дејност спротивно на закон;

7)  работи надвор од лиценцата за работа или работи во услови за кои нема дозвола за работа издадена согласно со овој закон, со исклучок во случај на ургентност и кога не се наплаќа здравствената услуга

8)  сторил повреда на Кодексот на медицинската етика и деонтологија и тоа е утврдено од Судот на честа при соодветната комора.

3.  Во решението за привремено одземање на лиценцата за работа се определува дополнителната обука која лекар на медицина треба да ја изврши согласно со програмата од членот 40 од овој закон и успешно да ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности пред испитна комисија на соодветната комора за да може повторно да му се издаде лиценца за работа.

4.  Трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека лекар на медицина сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

Право на жалба против решение за привремено и трајно одземање на лиценцата

Член 44

Против решението за привремено и трајно одземање на лиценцата за работа, лекарот има право на жалба до министерот за здравство во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Повторно стекнување со лиценца 

Член 45

Лекар на медицина може повторно да се стекне со лиценца за работа ако помине дополнителна обука и успешно ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности согласно со програмата од членот 40 од овој закон пред испитна комисија на комората.

Акт поврзан со лиценцата 

Член 46

Начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа и формата и содржината на образецот на лиценцата за работа на лекар на медицина поблиску ги утврдува Лекарска комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство.

Трошоци  

Член 47

  1. Трошоците за издавање, продолжување и обновување на лиценцата за работа паѓаат на товар на подносителот на барањето.
  2. Основни критериуми за утврдување на трошоците се реалните административни и материјални трошоци за спроведување на постапката за издавање, продолжување и обновување на лиценцата за работа.
  3. Висината на трошоците од ставот 2 на овој член ја утврдува Лекарска комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство.

IX.  ЛЕКАРСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

Член 48

  1. Заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, лекарите на медицина се здружуваат во Лекарска комора.
  2. Комората од овој член донесува статут, кодекс на професионалните етички должности и права, формира суд на честа и други помошни тела.

Комората како правно лице

Член 49

  1. Комората има својство на правно лице и се запишува во Централниот регистар на Република Македонија.
  2. Ако комората го измени статутот, избере или разреши претседател или ако се измени кој било од податоците кои се запишуваат во Централниот регистар на Република Македонија, поднесува барање за измена на запишувањето во регистарот во рок од 30 дена од денот на настанувањето на промената.
  3. Кон барањето од ставот 2 на овој член комората мора да приложи записник од седницата на собранието на која биле донесени измените.

Органи 

Член 50

  1. Органи на комората се: собрание, извршен одбор, надзорен одбор и претседател на комора.
  2. Комората може да има и други органи, ако тоа е определено со статутот.
  3. Структурата, надлежностите и телата, како и нивниот состав, начин на избор, правата и обврските се уредуваат со статутот и другите општи акти на Комората.

Финансиски средства за работа 

Член 51

  1. Финансиските средства за работа на комората се обезбедуваат од членарина, плаќања за услугите кои ги врши комората, донации и други извори.
  2. Комората го води сметководството согласно со прописите од соодветната област.
  3. Комората гарантира за своите обврски со целиот свој имот.
  4. Членовите на комората не се одговорни за обврските на комората.

Јавни овластувања на Лекарската комора

Член 52

  1. Лекарската комора:

–   издава, обновува, продолжува и одзема лиценца за работа,

–  води регистар на лекари

–  води регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци и

–   врши стручен надзор над работата на здравствените установи и лекарите на медицина.

2.  Комората е должна два пати годишно да доставува извештај за работите што се однесуваат на издавањето, продолжувањето, обновувањето и одземањето на лиценците за работа до Министерството за здравство.

X.  ЈАВНИ КНИГИ НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА

Упис во регистарот на лекари и издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци

Член 61

Упис во Регистарот на лекари и издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци на доктори на Лекарска комора на Македонија (во натамошниот текст: Регистар ) се врши на барање на лекарот што ги исполнува условите пропишани со овој закон.

Член 62

  1. Лекарска комора води Регистар на лекари и издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци на лекари.
  2. Лекарска комора води посебни евиденции за приправници, специјализанти, специјалисти, супспецијалисти, за посебна оспособеност на лекарите, за како и дисциплински мерки.
  3. Регистарот на лекари и издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци на лекари е јавна книга.
  4. Регистарот од ставот (1) на овој член ги содржи следниве податоци:

–  име и презиме,

–  датум и место на раѓање,

–  единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ),

–  адреса на живеалиште, односно престојувалиште,

–  државјанство,

–  податоци за завршено образование,

–  податоци за положен стручен испит,

–  податоци за специјализација, односно супспецијализација и за дополнително здобиени знаења, и

–  податоци за лиценцата.

5.  Извадоците од Регистарот на лекари и издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци на лекари се јавни исправи.

6.  Формата и содржината на Регистарот на лекари и издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци лекар од став 1 на овој член ги пропишува со општ акт Лекарска комора, на кој министерот за здравство дава согласност.

Бришење од Регистарот

Член 63

Лекарот се брише од Регистарот на лекари и издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци на лекари:

–  на негово барање,

–  со одлука за времено или трајно одземање на лиценцата од Лекарска комора,

–  со негова смрт.

Лекарска легитимација 

Член 64

  1. На лекар кој има лиценца за работа и е запишан во Регистарот на лекари Лекарската комора му издава лекарска легитимација.
  2. Формата и содржината на лекарската легитимација, како и начинот на издавање и водењето на евиденција за издадени легитимации ги пропишува со општ акт Лекарска комора.

XI.  НАДЗОР НАД РАБОТАТА НА КОМОРАТА

Член 65

  1. Надзор над законитоста на работата над Лекарската комора во вршењето на јавните овластувања го врши министерството за здравство.
  2. во вршењето на надзорот министерството за здравство може да бара известувања и податоци поврзани со вршењето на јавните овластувања.
  3. Комората е должна да ги достави бараните известувања и податоци во рок од 15 дена од денот на доставеното барање.
  4. Комората е должна да достави годишен извештај за вршењето на јавните овластувања најдоцна до 31 јануари тековната година за претходната година.

XII.  ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 66

Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на лекарот ако:

  1. работи надвор од лиценцата за работа,
  2. не укаже лекарска помош,
  3. ако не ја почитува обврската за чување на професионална тајна,
  4. ако не ја почитува обврската за пријавување,
  5. ако не ја води и чува документацијата согласно овој закон.

XIII.  ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 67

Со денот на влегувањето во сила на овој закон Лекарската комора на Македонија основана согласно прописите за здравствена заштита што важеле до денот на влегување во сила на овој закон продолжува да работи (“Службен весник на РМ”, бр   ) продолжува да работи.

Член 68

Лекарската комората е должна да го усогласи статутот и другите акти со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 69

Започнатите постапки за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценци за работа и други постапки што се поведени пред органите на Лекарската комора до денот на влегување во сила на овој закон, ќе завршат согласно Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019).

Член 70

Со денот на влегување во сила на овој закон престануваат да важат одредбите од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019) кои се однесуваат на лиценците за работа и другите јавни овластувања на Лекарската комора.

Член 71

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија”.